Г.Г. Стефан во Калишта, струшко, изминатиот викенд  ги венча Петар и Натали Ристевски, од Сиднеј, Австралија, пишуваат австралиските медиуми на македонски јазик.

Поглаварот на МПЦ – ОА г.г.Стефан, во Калишта, ги венчал Петар Ристевски, Австралиец со македонско потекло  од Сиднеј, кој запловил низ брачните води со неговата изабраничка Натали –  пренесува порталот “Фаланга” од Мелбурн.

Петар е инаку познат политичар и бизнисмен во Сиднеј, долги години беше советник во општината Ливерпул, а извесен период беше и заменик градоначалник на Ливерпул.

Меѓу Македонците е познат и како успешен бизнисмен и еден од лугето кои сакаат да инвестираат во Република Македонија.

“Мора да признаеме дека Петар беше доста популарен меѓу девојките, но само една успеа да го освои неговото срце и  да биде негова животна сопатничка. Изборот на неговото срце е прекрасната Натали” – пишува порталот.

Љубовта кон Република Македонија, како родно место на неговите родители, го натера Петар најубавиот миг во својот живот да го прослави токму во Македонија на брегот на Охридското Езеро.

Натали и Петар допатуваа од Австралија  нивната свадба да ја одржат во Македонија. Свадбената церемонија најпрво започна со венчавка во црквата Св. Богородица-Калишта, каде чинот го изврши Поглаварот на МПЦ – ОА г.г.Стефан, а потоа свадбената церемонија продолжи во хотелот “Изгрев”.

Невестинскиот фустан на Натали  е креација на познатиот италијански дизајнер Галија Лаха.

За нагласување е тоа што Натали претходно ја прими православната вера во манастирот Св. Јован Бигорски од страна на отец Партениј, а веднаш потоа за неполни две седмици се венча за Петар со сите православни обичаи.

По свадбената церемонија младенците заминаа својот меден месец да го поминат во  Санторини во Грција-пишува Фаланга.

Преземено од портал Фаланга