Единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ во 1967 година, академик Ѓорѓи Филиповски, на 98 годишна возраст учествуваше на прославата на 50 години од формирањето на научната установа.

Тој на бината се качи со помош на неговите внуци, но од говорницата половина час течно раскажуваше за почетоците на МАНУ, без потсетник.

Ова наиде на воодушевување кај присутната публика, која го пречека и испрати од бината со долготраен аплауз.

Академик Ѓорѓи Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ , беа тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање  на Македонската академија на науки и уметности.

Филиповски зборуваше за несебичната помош на владата на Социјалистичка Република Македонија, која пред 5 децении широкоградо овозможила да се формира оваа национална научна установа и низ годините секогаш ја поддржувала.

Тој изрази жалење што денешните влади немаат чувство за науката. Рече дека МАНУ е независна институција и сите години, па и во еднопартискиот систем, одолевала на партиски влијанија и притисоци.

,,Тоа успеавме да го направиме дури и во последните 10 години“-забележа академик Ѓорѓи Филиповски.

АКО.мк