Активист на ,,Самоопределување” почина во притвор во Призрен

26 годишниот Астрит Дехари, активист на опозициската косовска партија ,,Самоопределување” починал во притвор во затворот во Призрен. Ова вчера го потврдиле и од партијата, која со соопштение ја извести косовската јавност за трагичниот настан.

Казнено-поправната установа каде бил притворен Дехари соопшти дека ќе ги истражи сите околности за да утврди како настапила смртта кај опозиционерот. Тој починал откако бил пренесен во призренската болница.

Астрит Дехари бил приведен на 4-ти август оваа година, во рамки истрагата која се спроведувала за уште пет активисти со кои наводно планирал напад врз зградаѕа на Собранието на Косово во Приштина. Дехари провел вкупно 68 дена во притвор.

,,Самоопределување” применува радикални мерки со кои го изразува своето несогласување, главно за одлуки кои се однесуваат на српското малцинство во Косово. Тие неколку месеци ја блокираа работата на Парламентот фрлајќи чадни бомби за да го спречат донесувањето на закон за формирање на локални српски заедници на Косово. Тие не ги поддржуваат ниту српско-косовските преговори под патронат на Брисел.