Албанскиот Парламент усвои закон со кој Бугарите станаа малцинство во оваа земја

И покрај жестокото противење и реакција на македонското здружение ,,Илинден“ од Тирана, албанскиот Парламент го усвои законот со кој се признава постоење на малцинства во оваа земја, меѓу кои и бугарското.

“Новиот закон го прави овој парламент горд, а другите околу нас можат да научат  како се почитуваат малцинствата”, рече албанскиот премиер Еди Рама.

Министерот за надворешни работа Дитмир Бушати, изјави дека документот воопшто не врши дискриминација на малцинствата, туку ја покажува вистинската слика во Албанија.

Албанија со овој закон признава 9 малцинства – Македонци, Власи, Грци, Египќани, Срби, Бошњаци, Црногорци , Роми и Бугари.

,,Илинден”-Тирана огранок Голо Брдо протестираа заради вклучување на бугарското малцинство во законот, по заканите на Бугарија за вето на членството на Албанија во Европската унија. Македонско друштво “Илинден” -Тирана и Македонско друштво “Илинден” Тирана огранок Голо Брдо бараа од пратениците да не дозволат признавање на непостоечкото бугарското малцинство во Албанија.

Во Албанија, според сите пописи на населението, во текот на годините немало бугарско малцинство. Тоа не е во интерес само на македонското малцинство, но исто така е национален интерес на Албанија да не го прифаќа имагинарното бугарско малцинство, бидејќи утре последиците ќе бидат многу сериозни за Албанија, бидејќи ќе биде уценувана од Бугарија.

Бугарија изврши силен притисок врз Албанија за признавање на бугарско млацинство, врз основа на бугарски пасоши и државјанства, кои им се делат последните години на Македонците во областа Гора и Мала Преспа.