Алкохолот е виновен за 700.000 новозаболени од рак во светот

Алкохолот е виновен за повеќе од 700 илјади новозаболени од рак и 365 илјади починати од таа болест секоја година во светот, посебно во развиените земји, покажуваат резултатите од студијата објавена денес во Париз на Светскиот конгрес за борба против ракот.

„Голем број од луѓето не знаат дека алкохолот може да предизвика рак“, рече Кевин Шилд, експерт од Меѓународната агенција за истражување на ракот, која ја направи студијата.

Тој наведе дека ракот најповеќе ја погодува популацијата во Северна Америка, Австралија и Европа, посебно во источна, и дека наскоро ќе им се приклучат и земјите кои забрзано се развиваат, како Кина и
Индија, каде потрошувачката на алкохол е во пораст.

Студијата е заснована на податоци од 2012 година и покажува дека случаите на рак поврзани со алкохолот сочинуваат пет проценти од вкупниот број новозаболени и 4,5 проценти од вкупниот број починати секоја година во светот.

Студијата која следната година ќе биде објавена и во научните списанија, покажува дека меѓу починатите најповеќе се оние со рак на дојка, посебно распостранет кај жените, кој чини 27 отсто од вкупниот број нови случаи, додека од рак на дебело црево заболеле 23 отсто.