Анима Мунди:Кучето што нападна десетина луѓе е расно и има сопственици

Здружението за заштита на животните Анима Мунди во реакцијата по повод синоќешниот случај на неколку напади врз шест лица, меѓу кои и деца, наводно од куче-скитник во Аеродром, наведува дека станува збор за расно куче, а вината ја лоцираат во неодговорните сопственици кои го пуштиле на слобода.
– Вината за овој настан е во неодговорните сопственици, во оние кои кучето го воспитале/научиле да напаѓа, а кои го пуштаат слободно да шета и на тој начин ја изложуваат јавноста на опасност – во нив е целата одговорност и бараме итно да одговараат – наведуваат од Здружението.
Изразувајќи дека се потресени и лично засегнати, оттаму наведуваат дека нападите се случиле од расно куче, кое е непознато на локалното население и на активистите за заштита на животните од тој реон и оти се обидуваат да го лоцираат сопственикот, односно тој што го ослободил.
Од Анима Мунди исто така информираат дека првпат наидуваат на институционална подготвеност да се третира и надмине овој проблем, поточно интензивно се работи со Град Скопје за да се дефинираат хумани, применливи и ефикасни мерки што ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња, и стационар Вардариште.
Во меѓувреме, од општина Аеродром информираат дека надлежните органи работат на лоцирање на кучето што нападна шест лица синоќа меѓу булеварите АСНОМ и „Јане Сандански“.
– Град Скопје, со екипите на јавното претпријатие Комунална хигиена, веднаш по пријавувањето на инцидентот излегоа на терен. Според општинската евиденција, досега нема регистрирани пријави за агресивно куче со тој опис на конкретната локација. Случајот е пријавен во МВР – наведуваат од општина Аеродром.

Фото: Повреденото девојче од куче во Ново Лисиче