Анѓушев:Грантот од 70 милиони евра за пругата кон Бугарија е најголема придобивка од Самитот во Трст

 

Владината делегација предводена од Премиерот, е исклучително задоволна од постигнатото на вчерашниот Самит во Трст, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. Според него,  Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот Самит.

,,Тоа само го покажува фактот дека се препознаени реформските процеси на владата, дека е препознаен новиот дух на владата, која има за цел практично да ги имплементира сите процедури и сите потребни чекори за побрзо и полесно пристапување кон Европската унија, а со самото тоа и пристап до фондовите на Европската Унија, што е особено значајно за живеењето на граѓаните на Република Македонија.

Главната поента, иако слушавме различни бројки минатите денови, е дека од вкупниот грант кој што е доделен за шест земји од Западен Балкан, изнесува 194 милиони евра, Македонија доби 70 милиони евра. Што значи дека, од вкупните пари, 40 отсто се грант за Република Македонија, иако таа е само една од 6-те земји, иако по број на жители е една од помалите земји. Што значи дека, ако одиме по жител, Македонија е навстина победник во оваа фаза од поддршката на Берлинскиот процес и од Самитот во Трст на земјите од Западен Балкан“-рече Анѓушев.

 

,,Кога зборуваме за 70 милиони евра, мораме јасно и прецизно да кажеме дека тоа е грант, односно, неповратни пари, или директна помош на Европската Унија за граѓаните на Република Македонија.

Сумата со која ќе бидат поддржани вкупниот број проекти што се номинирани на овој Самит, е над милијарда евра, како што кажа и комесарот Хан. Ние зборуваме само за 194 милиони евра издвоени како неповратен грант, од кои 70 милиони евра завршуваат во Македонија. Значи мораме да ги разделиме бројките, да биде пластично и јасно за сите граѓани во Македонија.

Значи проектите кои ние ги номиниравме,  ќе бидат поддржани со многу поголеми по износи, но 70 милиони евра, се само грант, односно неповратни средства.

Овој грант е добиен за делот на пругата кон Бугарија, што е од исклучителна важност. Како Влада, а со тоа се согласува и Европската Унија, сметаме дека нашето поврзување со Коридорот 8, односно, врската помеѓу Македонија, Бугарија и Албанија е од огромно значење. Вие знаете дека по должината на коридорот 10 имаме доста развиена мрежа, но делницата исток-запад не е така развиена. Денес, ако сакате да тргнете и да стигнете до Софија или до Тирана, иако се тоа само делници од 200 – 250 километри, ви требаат повеќе од 4 часа, што е недозволиво.

Тоа мораме да го промениме. Прво за да го ослободиме движењето на граѓаните, да ослободиме движење на производи и друга стока за да може целото стопанство поефикасно да функционира и работи, и притоа да биде поврзано на две мориња. Како што знаете, тоа е еден исклучително значаен и стратешки коридор“-реќе Анѓушев.