Анѓушев: Имам обврска да се повлечам од управување, но не и од сопственост на моите компании

,,Согласно Законот за спречување на корупцијата, имам обврска да се повлечам од управувањето на компаниите. Никаде во тој закон нема дека треба да престанам да биде сопственик на компаниите. Јас не управувам со компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата“ – изјави Анѓушев по обелоденувањето дека неговата компанија ,,Фероинвест“ е добитник на тендер од државната ЕЛЕМ во висина од 2,6 милиони евра.

Тој посочи дека компаниите каде тој е сопственик, а не и управител, ќе се појавуваат секаде каде ќе оценат дека има простор за делување, согласно законите и стратегијата на компаниите за нивни развој.

Со соопштение реагираа и од ,,Фероинвест“:

,,Компанијата ,,Фероинвест“ во конзорциум со турската компанија ,,Озербанд„, учествуваше на тендерот на ЕЛЕМ за транспортни ленти во РЕК Битола. Нашата компанија изминатите години учествува на тендери каде може да понуди квалитет по соодветна цена, самостојно или со партнерска компанија. Во склопот на ,,Фероинвест“ работат неколку компании со околу 800 вработени, кои по својата експертиза имаат меѓународно искуство и пласман на производите на светски пазари. Компанијата, изминативе две децении постави стандарди и е пример за современа деловна профилираност во областа на металната индустрија и енергетиката во Македонија. ,,Фероинвест„ работи според европски стандарди, квалитетот е препознаен на меѓународните пазари, каде во моментов извезуваме во 22 држави. Како водечка компанија во овие сегменти и стратешките деловни проекции на домашниот и странскиот пазар, компанијата ќе продолжи да работи соодветно на досегашната практика со целата своја експертиза и професионалност како и досега, во интерес на своите вработени. Учеството на тендери во Македонија е право на секое правно лице кое ќе докаже со документација и со референти проекти дека може да ја изврши работата. Тоа право ќе го користиме секогаш кога ќе може да понудиме квалитет со соодветна цена. Целиот процес на работа на нашите компании е јавен и транспарентен, посебно кога станува збор за нашиот холдинг кој постои речиси две децении, а каде г-динот Кочо Анѓушев не е дел од ниедна раководна позиција во овие компании“се вели во соопштението на ,,Фероинвест„.