Атлетико одби 75 милиони евра за Јан Облак

Летниот преоден рок одамна заврши, а во него се случија многу работи. Во прв план на јулската шопинг грозница беа рекордниот трансфер на Пoл Погба од Јувентус во Манчестер јунајтед, како и доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ во истиот клуб, и преселувањето на Гонзало Игуаин од Наполи во Јувентус.

Сепак, имало и такви работи кои не се случија, а можеа да го потресат фудбалскиот пазар. Во таквите спаѓа Јан Облак.

За словенскиот голман неименуван клуб од англиската Премиер лига понудил 75 милиони евра, но Атлетико ја одбил понудата затоа што инсистирал на тоа клубот што сака да го има Облак во своите редови мора да го плати износот кој стои во клаузулата во неговиот договор, а тоа се неверојатни 100 милиони евра.

Ако Атлетико ја прифатеше понудата, Облак би станал најскап голман во историјата на фудбалот.

Засега Облак останува во Атлетико, во клубот со кој активниот договор го врзува до 30 јуни 2021 година.

Облак дојде во Мадрид пред две години за отштета од 16 милиони евра од Бенфика која со него направи исклучително добра работа затоа што од Олимпија го купи за само 1,7 милиони евра.