АХМЕТИЈАДА

или Последното танго на Ахмети и Груевски

Прво што направив кога ја прочитав заедничката Платформа на политичките лидери на некои партии на Албанците во Македонија, беше да се информирам дали постои во светот бинационална држава. И како што е модерно сега, а и поедноставно отколку да се бара по енциклопедии, напишав на google- бинационални држави и гугл ми одговори со incorrect.

Ме праша дали мислам на-национални држави. Еве јас и google не знаеме. Ако има и ако знае некој, нека каже.
Затоа, како што би рекла и би напишала почитуваната проф. Д-р Катерина Тодороска, оваа Платформа-памфлет, ја доживувам како-тоалетна хартија.

Еве и зошто.
Кога велам, некои партии на Албанците, тоа значи дека тие не ги претставуваат интересите на сите Албанци во Македонија. Наспроти рововските националистички патетики на Ахмети, Касами и Села за еднакви права, некои наши сограѓани Албанци сакаат да живеат во 21 век. И да уживаат еднакви граѓански права како секој жител на Македонија, без оглед на националност. Тоа го покажаа со зачленувањето во СДСМ, но и со гласањето за оваа партија, што воопште не е за занемарување како бројка, напротив. ДУИ и Ахмети изгубија дури девет пратеници споредено со претходните избори, ДПА речиси е збришана од политичката сцена, а Беса успеа за неколку месеци постоење на изборите да собере речиси 60 илјади гласови. Но, тие ги привлекоа гласачите со предизборната реторика дека никогаш нема да седнат на иста маса со некој што е предмет на интерес на СЈО, мислејќи на ДУИ и нејзиното раководство. Сега, спротивно од тоа, под диригентската палка на ,,проевропскиот” политичар Еди Рама, не само што седнаа на иста маса со Ахмети, туку и испорачуваат националистичка платформа, во која нема ништо од декларираната заложба на СЈО да му се продолжи мандатот, туку бараат да не постапуваат селективно и етнички. СЈО?!

Зошто Беса одлучи за многу кратко време да си го покаже лицето или да го сврти курсот од партија која се бори против криминалот, во партија која го подржува криминалот, барем засега, останува нејасно и ризично за нив.
Во Платформата нема објаснување како мислат да ја убедат и македонската и меѓународната јавност дека по кратка постапка Република Македонија треба да стане –бинационална држава. За да барате такво нешто, па ни тогаш, но ајде , реално би било да побарате и да инсистирате да се спроведе попис, па врз основа на резултатите од пописот да барате нешто што сметате дека ви е ускратено. Тие, не спомнуваат ниту П од попис, но бараат државата да биде бинационална, без притоа да објаснат зошто и како. Ахмети очигледно се уште живее во 2001 година кога под превезот на мистичноста, во униформа, но без испукан куршум, со фотографија на која чита книга, со помош и поддршка на меѓународната заедница, ја втурна Македонија во крвава авантура и издејствува промена на Уставот. Ова го велам затоа што како новинар кој во 2001 година направи интервју со Ахмети на окупирана територија од ОВК, бев сведок дека на закажаното место во село Липково тој од Шипковица дојде со хеликоптер на НАТО.

Сега, додуша најавува дека на тркалезна маса со парламентарните партии на Албанците, со ротирачко претседавање, преку преговори ќе го надгледуваат спроведувањето на Платформата. Нешто слично на ротирачкото претседателство на поранешна Југославија по смртта на Тито.

Очигледни се рецидивите што ги влече лидерот на ДУИ од СФРЈ. Имено, тој заговара бинационална држава, во држава која излегла од федерација според чиј Устав републиките беа рамноправни конститутивни единки на рамноправни народи и народности. Сега, платформаџиите бараат Македонија да биде држава на Македонците и на Албанците и веројатно на другите народности што живеат во неа. Утопија. Во старт дискриминирачки кон сите други кои веќе се третирани како народ во Уставот.

По принципот-сите сме еднакви, но Албанците и Македонците се поеднакви од другите Ахмети, Касами и Села зборуваат за рамноправност, притоа не водејќи сметка дека бинационализмот наметнува дуопол, што е полошо и од монопол.
Дволичноста и неискреноста не е ништо ново за нашите политичари, заради чии лични интереси, финансиски бенефит и моќта што ја црпат од власта, сите нас не држат како свои заложници. Нашите животи ги прилагодуваме на нивната неспособност да бидат политичари и лидери, а тие ги користат нашата инертност и трпение, па и понизност и со години ја злоупотребуваат власта, а со државата се однесуваат како да е нивна сопственост.

Очигледен е маневарот што го прави Ахмети да се одржи на лидерската позиција во ДУИ, и услугата што на овој начин му ја прави на Никола Груевски за да се одржи на лидерската позиција во ВМРО ДПМНЕ. Како поинаку да се објасни нивната зголемена националистичка реторика пред сопственото гласачко тело, во услови кога треба да дадат отчет за лошите изборни резултати, освен како продолжување на беспрекорната меѓусебна соработка. Нивната зависност е повеќе од очигледна, а елиминирајќи ги клучните луѓе во своите редови, продолжуваат да се однесуваат деспотски во своите партии, наместо да дадат отчет за грешките пред членството.

Од друга страна пак, по малку иритира спокојноста на СДСМ и на Заев, кои несомнено со помош на гласовите на Албанците , но и зголемена доверба кај традиционалното гласачко тело, остварија најдобри резултати во последните неколку изборни циклуси. Многумина, познавачи на политичките прилики, велат дека последните брифинзи од ДУИ, пред платформата, дека веќе е договорено коалицирање без ВМРО ДПМНЕ и нови избори во септември, се најреална опција и најверодостојни информации.Ако е така, зошто не држат во неизвесност и вртат крукчиња?

Затоа, набрзина ,,исплуканата” Платформа, во која дури нема никакви условувања за постизборно коалицирање, туку општа флоскула дека таа ќе биде основа за оваа и секоја идна Влада, покажува дека нејзината вредност е токму таква –колку на тоалетната хартија.

Токму како и последните говори на Груевски опишани во колумните на историчарката Тодороска.
Вклучувајќи го и последното мега-интервју.

Затоа, АХМЕТИЈАДА не е исто што и пастрмалијада, пифтијада, празијада. Овие последните се фестивал на храната и народот отаму се враќа среќен и со полн стомак.

Ако трчате по ноти во Тирана и Приштина, а тангото сакате да го играте во Скопје, треба да знаете дека тоа може да ви е последното танго.

За доброто на сите!

Емилија Лазаревска