БАЛАНСИРАН КРИМИНАЛ

 

 

Неодамна, во неговото последно тв интервју, Срѓан Керим критикувајќи ја работата на СЈО, изнесе мислење дека ова обвинителство работи пристрасно и дека за да докаже дека не е така, треба еднакво да ги гони од сите политички партии, а не само од ВМРО, што секако не е спорно. Но, тој, небаре се мери кромид на пазар, со неговите  дипломатско негувани раце, се разбира со државни пари, вагаше и извага дека Специјалното обвинителство ги гонело само криминалците од ДПМНЕ. Патем, призна дека судството, она од тефтерчето, досега судело по нарачка, па рече –ако досега каменот се наоѓал долу на едната страна од вагата што стои нели како симбол во судовите,( а под него сите осудени по политичка нарачка) , сега, место да дојде на средината, каменот претeжнал на другата страна. Е сега, според Керим, Јустиција треба да го тргне превезот од очите и да вага колку кочани од едната страна, толку зелки од другата. И на крај резултатот-растурена сарма.

Ќерата знае многу подобро од сите нас што значи римската божица на правдата Јустиција уште од Римското право. На нејзината вага не се вагаат луѓето, туку стореното и казната. Секоја сторена повреда на законите и правото, без оглед кој ја сторил, затоа е превезот на очите , да ја добие соодветната казна.

Значи, ако некој се обиде во шише да изнесе седумстотини и педесет илјади евра  и тие нелегални пари ги ставиме на едната страна од вагата, на другата треба да стои соодветната казна за тоа дело. А не, како што мисли Керим, некој друг криминалец со пари во шише. Што е право, тешко дека ќе се најде уште еден таков на кој ќе му текне да шверцува пари во шише.

Но, и не треба да не чуди обидот да се избалансира криминалот, па колку и тоа да личи дегутантно и дрско на прв поглед.

Раководството на партијата ВМРО ДПМНЕ изминатите 11 години тоа го правеше извонредно успешно, а последните две и пол години им се приклучија, покрај партиските медиумски мегафони, и двете преостанати телевизии кои не се под нивна контрола.  Едната од нив дури и прогласи балансиран пристап на информирање.

Токму тоа балансирано новинарство, ја запржи докрај македонската чорба. Па, место секојдневно да се прозиваат осомничените политики елити за криминал, злоупотреба на службена положба, кршење закони, дерогирање Устав, одмазда врз неистомисленици, узурпација на државни ресурси, носење погрешни одлуки што чинат човечки животи, тие ги угостија по студијата и речиси секојдневно ги слушаме како им го факторизираат криминалот како да е тоа нешто нормално. Не, колеги, криминалци не се викаат на дебати, туку се прозиваат на одговорност. Така ние работевме во наше време. Не беше новинарски дострел тогаш-важно е да се гледа. Медиумите играат многу поважна улога во општеството од вашата мантра, па биле тоа и комерцијални медиуми. Посебно ако станува збор за вакво општество во кое се изместени сите вредносни системи. Но, еден ден ќе мора и за тоа да се разговара, кој каков придонес имал во разнебитувањето на институциите на системот, медиумите, образованието и така натаму.

Она пак што сега го гледаме низ улиците како протест за зачувување на заедничка Македонија, е лакрдија над лакрдиите. Ова е уште еден од гебелсовите пропагандни трикови, а патем да се покаже на дело новиот лик на граѓански организации по теркот на ВМРО ДПМНЕ и спроведувањето на најавената десороизација. Во подготвителниот период на овој процес, Груевски ,,призна“ дека грешел што како Премиер не обрнал повеќе внимание на финансирањето на граѓанските организации. Точно, и зеде сега како лидер на партија, да ја оправа работата на овој план, но повторно со пари на граѓаните, нели , со оние пари кои во меѓувреме ги прелеаа во своите џебови и на контото на најбогата партија во Европа. Од народот за народот. Баш убаво.

Лицемерието на раководството на ВМРО ДПМНЕ, посебно на нивниот лидер, и нивната клучна девиза, зборуваш едно правиш друго, се преточени во овие протести на најдиректен начин. Ги организираш под мотото За заедничка Македонија,  а тепаш и бркаш новинари кои не играат како што тие свират. Зборуваш за заедништво, а не сакаш да видиш ,,шиптар“, а уште помалку да разговараш за нивни барања. Праќаш малолетници да плукаат, навредуваат и јадат шлаканици, а ти се криеш зад нивната младост, наивност и неинформираност. Типично груевистички.

И најбезобразно од се , го злоупотребуваш македонското државно знаме, кое до вчера го викавте вентилатор, и неговите бои, и правиш пандан на Шарена револуција мавтајќи им пред нос на ,,предавниците“, според вашето житие, токму на тие кои стоеле мирно баш пред ова знаме, а не на она од Кутлеш.

И сега да му одговорам и на Чомовски зошто направи многу погрешна и опасна споредба поистоветувајќи ги како еднакво срамни пораките што ги праќаа шарените боејќи ги фалсификат барок фасадите, со тепачите и оние што извикуваат ,,Смрт на шиптари“. Ах, тој пуст баланс.

Да ги избалансираш или споредиш овие две работи е рамно на убиство со умисла на демократијата во една држава.

Шарената револуција беше синоним за борба против еден корумпиран режим, оправдан револт откако во јавноста излегоа детали од однесувањето на десетина владини функционери од партијата ВМРО ДПМНЕ кои си поигруваа со нашите пари како да се пет банки најдени на улица, ја згазија историјата на државата не само како историски факти и настани, туку и како историја на архитектура, споменично одбележување и почит кон некого, воопшто градски начин на живот во еден град кој имаше душа градена со децении. Ги ставија на постаменти и џелатите и жртвите. Направија фалисификат барокни фасади од стиропор и кнауф. Направија унифициран центар не почитувајќи никого и ничие дело и авторство.

Боите, Чомовски, боите се само мал симболичен израз на плукање врз  волјата на еден себичен и до патолошки размери самобендисан премиер со диктаторски карактеристики, кој нарачуваше да никне зграда, барок се разбира, пред кулите во кои живеат комуњари и кои тој не може да ги гледа.И зградата и комуњарите.

Се што гледаме во центарот на Скопје е лична желба на Никола Груевски, кој потроши над половина милијарда евра народни пари, за да го направи плоштадот по свој вкус и мерка, притоа не прашувајќи ги на референдум граѓаните, во кои се колне, дали сакаат такво нешто и не консултирајќи ниту еден вистински  историчар, архитект или урбанист, дали е ова согласно закон, историјата и духот, секако и потребите на граѓаните кои живеат тука. И за тоа треба да се одговара.

Има уште една суштинска разлика меѓу оние што излегуваа на протести на Шарена револуција и овие од бетменвелит револуцијата. Овие вторите се клиентелисти, директори на театри, научни институции, приматели на државни субвенции за песнички и проектчиња, национални пензии….тоа во светот се вика политички КЛИЕНТЕЛИЗАМ.  За оние што не знаат зошто протестираат, па ги повикуваат Албанците да дојдат на протести, а дури зборуваат, во позадина ечи Македонија само на Македоците, не сакам ниту да ви одземам време.

И сега за оние што бараат СЈО да балансира кога обвинува некого. СЈО е формирано токму заради тоа што од објавените прислушувани разговори се разбра дека функционери од владејачката коалиција ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, Социјалистичка партија и други коалициски партнери, безмилосно ја краделе и злоупотребувале државата. Државните ресурси, кога некоја партиска гарнитура ги има запоседнато сите државни функции и нивни функционери одлучуваат, логично е да ги контролираат и злоупотребуваат тие што се на власт, а не тие што се опозиција. Ете затоа веројатно секаде во свет кога станува збор за злоупотреба на државна функција одговараат тие што се на власт, а не опозиција.

Впрочем, зарем има некој што мисли дека ако некој што не е ВМРО ДПМНЕ, а згрешил нешто или украл, и патем бил со години прислушуван и прогласен за државен непријател,  ќе куртулел од затвор или прогон? Не верувам. Освен, ако во меѓувреме не го нашол печатот.

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА