Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, вчера ја отвори новата сезона со ветување дека публиката и вљубениците во сериозната музика, може да очекуваат ѕвездени мигови.


-Ви ветуваме незаборавни ѕвездени мигови од традицијата на светските и македонските композиторски пера, па сè до современите нотни записи. Од концерти во изведба на комплетниот филхармониски состав во оваа голема сала, до мини средби со нашите инструменталисти на малата камерна сцена. Ви ветуваме големи, славни имиња кои ќе блескаат на сцената, и кои ќе бидат уште една потврда на реномето на нашиот оркестар, но и дружење со млади талентирани надежи кои најавуваат широк уметнички спектар. Сигурен сум дека секое катче во новиот Дом, ќе биде омилен простор за нови дострели на македонските репродуктивни уметници, но и нов предизвик за вас почитувана публико, – рече Илиески пред присутните, кои потоа уживаа во прекрасната изведба на Дино Имери и оркестарот на Македонска филхармонија.

 

Концертот во бе-мол од Петар Илич Чајковски, во кој солистот Дино Имери ја изрази својата виртуозност, наиде на одличен прием кај публиката. Задоволството го изрази со долги аплаузи и овации, кои го вратија Имери уште неколку пати на сцената.

Вториот дел од вечерта пак, беше резервиран за симфониската поема „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп. 28 од Рихард Штраус, што беше одлично заокружување на музичкото уживање.

Со „Нов почеток“ беше означен и новиот почеток на Македонската филхармонија, која како што вели тимот, има  цел да се доближи до секој граѓанин.

 

 

 

АКО.мк