Белгија е првиот европски патник на Мундијалот во Русија

Фудбалската репрезентација на Белгија е првиот тим од Европа, кој се пласираше за завршницата на Мундијалот 2018 во Русија. Во меч од групата „Х“, “црвените ѓаволи” победија со 2:1 како гости против Грција и дојдоа до 22 бода по 8 одиграни меча, со што пред последните два меча имаат недостижна предност пред конкурентите.

На две кола до крајот на квалификациите во оваа група, Белгијците имаат 8 бода предност пред Босна и Херцеговина. Босанците победија со 4:0 како гостин против аутсајдерот Гибралтар и собраа само 14 бода, па заедно со Грција која има 13 бода по исто толку меча, во последните две кола ќе се борат за втората позиција во групата која носи учество во баражот.