Белград: Турски падобранец падна на покрив

Падобранецот Т.К. (26), турски државјанин, денеска околу 13 часот падна на покрив на зграда во Падинска скела, крај Белград, во непосредна близина на спортскиот аеродром.

Овој пад, за среќа, не заврши кобно, а поради брзата реакција на екипата на Итната медицинска помош турскиот државјанин помина без сериозни повреди.

Во улицата Дејан Смиљковиќ број 113 брзо стигнале и пожарникари, но немало потреба од нивна интервенција.

Станарите од станбениот комплекс на кој „слетал“ падобранецот велат дека се исплашиле кога слушнале силен удар на покривот.

Како дошло до оваа незгода уште не се знае, а нема информации ниту за искуството на падобранецот. Неофицијално се зборува дека турскиот државјанин не успеал на време да отвори еден од падобраните.