Бејли и Јолевски рамо до рамо на заедничка показна вежба

Американскиот амбасадор Џес Бејли присуствуваше на заедничката вежба на македонските безбедносни сили и специјалните единици на САД кои ги обучуваа нашите војници и полицијци. Тој првпат присуствува на некоја манифестација по оркестрираните напади на ВМРО ДПМНЕ кон него и барањето новиот претседастел на САД да ја преиспита неговата работа и работата на американските фондови во Македонија. Бејли останува најмалку до крајот на годинава на местото амбасадор во Македонија, а новата администрација и Стејт Департментот му искажаа целосна доверба. Денеска, заедно со министерот за одбрана Зоран Јолевски, по повод денот за високи гости присуствуваше во Касарната во Ѓорче Петров каде се одржа заокружување на заедничката вежба на припадници од Полкот на специјални операции на Армијата на Република Македонија, специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и специјалните единици на САД.

Јолевски најнапред упати честитки за успешното одржување на вежбата и истакна дека со поддршка на стратешките партнери, припадниците на Армијата на Република Македонија и на Министерството за одбрана се гарант за безбедноста и на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја.

„Искажувам благодарност до САД и до амбасадата на САД во Република Македонија за поддршката која ја даваат за развојот на македонската Армија. По мојата посета на Командата на специјални операции на САД точно пред две години, во 2015 година ја зајакнавме соработката помеѓу специјалните сили на САД и Полкот за специјални операции. Ова е прва од вежбите што оваа година ја имаме со припадници на САД. Истакнувам дека е воспоставена добра соработка со командата за специјални операции на НАТО и Командата на специјалните сили на САД во Европа“, рече министерот Јолевски.

Амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли рече дека  е гордост  да бидат сведоци на соработката на специјалните сили .

„Денеска имавме прилика да ја видиме кулминацијата од тринеделната обука спроведена од специјалните сили на САД од Европската команда. Ова е дел од заедничките напори на Македонија и САД да се справат со тероризмот и затоа сите наши единици треба да бидат подготвени.  Ова е само еден пример од нашата многу блиска соработка изминативе години заедно со полицијата и армијата. Тоа е знак на продолжување на нашето партнерство. Преку ваквите вежби ние заеднички ќе придонесеме за безбедноста на граѓаните“, рече амбасадорот Бејли.

Извор:МИА