Богдановиќ очекува победа во Центар во првиот круг од локалните избори

Кандидатот за градоначалник на СДСМ во Општина Центар, Саша Богдановиќ, очекува победа на локалните избори уште во првиот круг. Се надева дека поддршка ќе му дадат поголем број на граѓаните и дека ќе го надмине бројот на гласови што го освои претходниот градоначалник од коалицијата на СДСМ, Андреј Жерновски.

-Согласно анкетите и последните резултати што ги имам освоено, каде рекордно над 8.000 граѓани се произнесоа за мене, се надевам на загарантирана победа уште во првиот круг. Но и со промена на централната власт, луѓето се веќе ослободни да му се спротивстават на режимот. Со добра програма и кампања ќе успееме да ја подобриме бројката од минатите избори – вели тој за „Фокус“.

Богдановиќ е актуелен директор на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Вели дека ќе настапи со добра програма и конкретни предлози за решавање на проблемите на граѓаните.

-Планираме изградба на уште една градинка, довршување на основното училиште во Капиштец. Изградба на мотажни паркинзи, од кои еден во Капиштец, за да се зголемат капацитетите за паркирање. Но и мораториум во Дебар маало за сите неотпочнати проекти, како и преиспитување на ДУП-овите донесени во време на Тодоровиќ – вели Богдановиќ.