Бранка Костиќ Марковиќ е назначена за претседател на УО на Македонска филхармонија

НАЗНАЧЕН НОВИОТ УПРАВЕН ОДБОР НА МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

Со решение на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, назначен е новиот Управен одбор на НУ Македонска филхармонија во состав:

М-р Бранка Костиќ Марковиќ, претседател
М-р Фросина Балова, член
Лада Шоптрајанова-Петровска, член
Александар Стојчески, член

Претседателот и сите членови на новиот Управен одбор се академски музичари со долгогодишен придонес во негувањето, развојот и афирмацијата на македонската музичка уметност во земјава и во странство.

 

Бранка Костиќ Марковиќ (1972), претседател

Почнува да свири виолина на шестгодишна возраст кај професорот Паскали Николов. Основното и средното музичко образование ги завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а потоа се запишува на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во првата генерација студенти на одделот по етномузикологија. По дипломирањето со највисока оценка, ги завршува и последипломските студии и се здобива со титулата магистер по музички науки.

Бранка Костиќ Марковиќ е позната медиумска личност во доменот на културата и уметноста. Таа е истакнат музички публицист со дведецениско искуство, чија кариера во најголем дел е поврзана со телевизискиот екран, иако неретко е присутна и во другите медиуми. Како новинар, уредник и продуцент, автор е на повеќе од 350 емисии од областа на уметничката музика (од циклусите „Музика“, „Класика“, „Аликвоти“, „Мојот пат“, „Музичка сцена“, „Астрорум“, и на неколку документарни филмови и репортажи), во чии рамки реализирала над 1000 авторски прилози, студиски музички проекти и повеќе од 900 интервјуа со врвни домашни и странски уметници. Се јавува и како промотор, рецензент и координатор на бројни музички изданија и настани. Во еден период се јавува и како дописник на културната програма на српскиот национален сервис РТС. Таа е и уредник на едукативните списанија за деца „Мини Либи“ и „Либи“.