Бугарија атакува на македонското малцинство во Албанија

Додека политичките партии во Македонија се занимаваат со себеси, а дипломатијата практично е мртва, не функционира, во голем дел и не е дорасната на своите задачи, Бугарија во Европскиот парламент спроведува операција за бришење на македонското малцинство во Албанија од етничката мапа на оваа држава.

Бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, на своите официјални веб страници на ЕП објавија,,голема победа,, во борбата за признавање на бугарското малцинство во Албанија.

Тие информираат дека ….,,Во историски извештај, Европскиот парламент за прв пат во своите годишни извештаи за напредокот, ја повикува Албанија да го признае бугарското малцинство во земјата. Европратениците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски обезбедија поддршка за важните измени во извештајот,,-се вели во нивната објава.

За тоа Ковачев во својата изјава пишува:

“На вчерашната седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во Извештајот  на Комисијата за Албанија за 2016, беа донесени мои амандмани поврзани со правата на историското бугарско малцинство во Албанија и изградба на Паневропскиот транспортен коридор VIII. Сакам да се заблагодарам на мојот колега, Ангел Џамбаски, со кој заедно работевме за обезбедување на мнозинство на сите поправки поврзани со бугарскиот национален интерес“.

Официјалниот текст на прифатените амандмани гласи:

„…забележува дека се потребни дополнителни напори за да се заштитат правата на сите малцинства во Албанија, преку целокупното спроведување на соодветното законодавство; препорачува правата на лицата со бугарско етничко потекло во регионот на Преспа, Голо Брдо и Гора да бидат вклучени во законодавството и нивните права гарантирани во практика;

,,Бугарите во Албанија, кои според неофицијални податоци се меѓу 50 000 и 100 000 луѓе чекаат со децении да бидат признаени за официјално малцинство.’-додаваат овие двајца европратеници.

Според бугарските европратеници, македонското малцинство во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора, кое е токму толку околу 100.000 население, е всушност со бугарски етнички корени.

Ова не е првпат Бугарија да атакува на македонското малцинство во Албанија кое нема право, освен во регион во Мала Преспа, на попис да се искаже како македонско, затоа што не постои графа во пописните документи.

Бугарската држава оди понатаму и со леснотија ги придобива Македонците и во Албанија , не само во Мкаедонија, давајќи им бугарски пасош, кои тие ги земаат од економски причини, но секако се декларираат како Бугари. Тоа им ја олеснува работата да бараат признавање на бугарско малцинство во Албанија, а како бројка со која ќе мафтаат веројатно ќе бидат и тие што зеле бугарски пасош. Дури, Македонците во Мала Преспа велат дека и  градоначалник на Пустец Едмонд Темелко, веќе има обезбедено бугарски пасош.

 

АКО.мк