Бугарија избира претседател

Во Бугарија денеска се одржуваат претседателски избори. Повеќе од 6,8 милиони избирачи ќе избираат меѓу 21 кандидати.

Истовремено со претседателските избори, граѓаните на референдум се изјаснуваат за измените на изборниот систем и за финансирање на политичките партии од страна на државата.

За петгодишен претседателски мандат се натпреватуваат 21 кандидат од 11 партии, пет коалиции и 14 иницијативи.

Главниот кандидат е актуелната претседателка на парламентот Цецка Цачева (58) од владеачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов која, во случај на избор, ќе биде првата жена на чело на Бугарија.

Нејзиниот главен противкандидат е поранешниот генерал Румен Радев (53) кој е поддржан од социјалистите.

Според анкетите на јавното мислење, трет е Красимир Каракачанов (51) кој има поддршка од три главни националистички партии во Бугарија.

Политичките аналитичари очекуваат ниту еден од кандидатите да не освои 50 проценти од гласовите потребни за победа во првиот круг. Резултати од денешното гласање ќе бидат објавени во вторник.

Вториот круг на гласање за претседател е закажан за 13 ноември.

Предизборната кампања главно беше фокусирана на иднината на Европската унија, односите со Русија и заканите од потенцијалното зголемување на приливот на мигранти од Турција.

Гласањето на претседателските избори, прв пат, е задолжително.

Претседателот главно има церемонијална функција и, иако како шеф на држава нема извршни овластувања, туку сите важни политички одлуки мора да ги одобри парламентот, фактот дека се избира на директни избори, на шефот на државата му се даваат поголемо влијание и авторитет. Тој раководи со вооружените сили, ги именува амбасадорите и шефовите на разузнавачките и безбедносните служби, потпишува меѓународни договори и може да стави вето на законите.