Бугарскиот европратеник Ковачев продолжува со мисијата за бугаризирање на македонското малцинство во Албанија

Пред десетина денови, поточно на  29 мај 2017 година, бугарска делегација во состав Андреј Ковачев, европратеник, Росен Плевнелиев, поранешен Претседател на Бугарија, и Милен Врабевски , претседател на фондацијата ,,Бугарска Памет“, биле  во посета на градовите Билишта и Корча, Република Албанија. Од фондацијата соопштуваат дека ова е втора нивна посета за последните два месеца, а целта е покренување иницијатива за изучување на бугарскиот јазик во училиштата во овие области.

Европратеникот  Андреј Ковачев, активно работи во ЕП за признавање на бугарското малцинство во Албанија, а изминатиот период заедно со неговиот бугарски колега во Европарламентот Ангел Џамбаски,во извештајот за интеграција на Република Албанија во Европската Унија, издејствуваа да протнат дел во кој  стои дека во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора постои бугарско малцинство.

– Македонците во Албанија не се Бугари! Во Албанија живее македонско, грчко, српско-црногорско, влашко, ромско, бошњачко и египјанско малцинство. Обидите за признавање на непостоечко “бугарско малцинство“ во Албанија го сметаме како фалсификат на историјата и на вистината. Во Албанија нема бугарско малцинство. Такво малцинство има во главите на бугарските официјални лица во Софија кои продолжуваат со антимакедонизмот како официјална политика за негирање на македонскиот народ во целина, реагираше тогаш единствената партија на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција.

Но , Ковачев продолжува со својата мисија на бугаризација на македонското малцинство во Албанија. Во  рамките на посетата на градот Корча, во мај годинава, тој, заедно со Плевнелиев и Врабевски,  одржале средби со заменик градоначалникот на општината – Бледион Налбати, претставници на локалната власт, на бугарската заедница и ученици и наставници од локалното училиште, соопштуваат од фондацијата која ја организирала оваа посета..

Во градот Билишта е одржана средба со градоначалникот на градот  Бенила Темели, кој договорил натамошна соработка за заеднички иницијативи со Фондацијата Бугарски Памет и фондација “ Решенија за иднината „.

Во нивните соопштенија тие македонското малцинство во Албанија го нарекуваат Бугари, а известуваат и дека со локалните водачи договараат како да се овозможи во блиска иднина настава на бугарски јазик. Со таа цел,  на училиштето „Дритро Аголи“ во гр. Билишта, на  учениците и наставниците, им е врачена донација за создавање на кабинет за изучување на странски јазици, каде што ќе се предава и бугарски јазик.

Посетата на  Милен Врабевски, Росен Плевнелиев и Андреј Ковачев  на албанските градови и средбите со претставници на локалната власт и бугарската заедница е дел од активностите на Фондацијата Бугарска Памет поврзана со реализација на образовни иницијативи за интеграција и социјализација на бугарските заедници од историската дијаспора, се вели во нивното соопштение..

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски , денеска попладне во Брисел остварил средба со европратениците , бугарскиот  Андреј Ковачев, и словачкиот Едвард Кукан. Според партијата , тие разговарале за  тоа колку голем напредок во минатите години направи Македонија, колку реформи беа остварени и колку многу, според Груевски, беше онеправдана земјата со тоа што не и беше дозволено да ги започне и досега да ги заврши пристапните преговори.

,,Да не беше блокадата од страна на јужниот сосед и толеранцијата од страна на Европската унија на блокадата, досега имаше доволно време за преговорите и да започнат и да завршат. Време да се промени таа позиција и да се дозволи на Македонија да оди напред, што ќе биде дел и од моите понатамошни разговори. Секако, овие посети и средби се и претставување не само на нашите партиски позиции претставени во смисла на она што се наши државни позиции, туку и во смисла на нашите планови за во иднина како политичка партија што претендира не само да биде опозиција, туку и брзо да се врати на власт“, изјави Груевски по оваа средба .

Владата на Никола Груевски, а подоцна и на Емил Димитриев не реагираше во минатото на обидот на бугарски претставници, а посебно на европратениците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски,кои преку нивните активности во ЕП во континуитет лобираат за бугаризација на македонското малцинство во Албанија.

Поранешниот шеф на македонската дипломатија Никола Поповски во февруари годинава, реагираше, но отпосле, откако веќе се беше завршено во Европарламентот и декларацијата со која се обврзува албанската Влада да го признае ,,бугарското малцинство во регионите Голо Брдо, Гора и Преспа“,  беше донесена.

АКО.мк