Бугарскиот премиер Борисов телефонски му честитал на Заев

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, денеска оствaрија телефонски разговор за актуелните настани во земјата и регионот.

Премиерот Борисов му го честиташе на премиерот Заев успешното спроведување на локалните избори во Република Македонија и истакна дека организацијата на изборите создаде услови во кои граѓаните можеа слободно, врз основа на сопствената политичка волја да го реализираат правото на учество на изборите и да го дадат својот глас за политичката опција според нивниот избор.

Република Бугарија, му пренесе премиерот Борисов на претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, останува и понатаму доследна на поддршката за политиките на новата Влада на Република Македонија, посака успех за Република Македонија во иницијативите во регионот, и изрази надеж и очекување за скоро членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите за членство во Европската Унија.