Буџетот за животна средина во општина Аеродром ќе се зголеми за 20 пати

 

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на 6.11.2017 година, во просториите на Општина Аеродром се сретна со претставниците на О2 Коалиција за чист воздух и претставници на други граѓански организации.

На средбата се дискутираа можностите за интервентни мерки, кои општината би ги преземала во насока на намалување на загадувањето. Како што рече градоначалникот Марин, со новиот Буџет на Општина Аеродром ќе издвои околу 300.000 евра за реализација на конкретни мерки за почист воздух, односно 20 пати повеќе од досегашните средства на годишно ниво за заштита на животната средина.
Дел од претставниците на граѓанските здруженија, кои присуствуваа на средбата предложија неколку мерки, кои би дале резултати на краток рок во соработка со Градот Скопје, Министерството за животна средина и другите надлежни институции, меѓу кои инсталирање филтри на оџаците на индивидуалните куќи, искористување на сончевата енергија, подобрување на условите за користење јавен превоз, користење на нова генерација катализатори за моторни возила, кои ја намалуваат емисијата на штетни материи, да се зголеми ефикасноста на инспекциските служби, како и да се работи на зголемување на јавната свест.


Општина Аеродром сериозно ќе ги земе предвид сите предложени мерки од денешниот состанок и ќе изготви конкретен краткорочен план, кој ќе биде достапен на јавноста, а во меѓувреме ќе се работи на трајно решавање на загадувањето.