Валентина Стефановска , штитовите на Александар и љубовта кон татковината

Откако направи ,,забележителните промени во физиономијата и визуелниот изглед на главниот град на Македонија”, како што ја доживува еден пишувач на предговор за неа, скулпторката Валентина Стефановска сега почна да прави изложби низ Македонија. Една таква е отворена во Прилеп, а таа е сликана меѓу штитови од античко време, кое е главен мотив на нејзините авторски дела. Валентина Стефановска во јавноста стана позната откако по нарачка од идеологот на Скопје 2014 Никола Груевски, изработи најголем дел од спомениците во центарот на Скопје. Сите споменици се со античка тематика, а најголем дел од нив се грандиозни и зафаќаат голем дел од градскиот плоштад. Стефановска спомениците ги прилагодуваше кон историско-политичката идеологија за минатото на народот и земјата, проектирани од врхушката на ВМРО ДПМНЕ , а за тоа добиваше огромни хонорари.

Сега таа е дел од изложбата ,,Македонија,, и ,,Компаративна игра,, отворена во домот на културата во Прилеп.

Во предговорот за Стефановска пишува-,,Преку делата Валентина К. Стевановска ја пренесува апропријативна идеја за љубовта кон татковината , како и нејзиното разбирање и артикулацијата”.

За Валентина Стефановска д-р Џемил Бектовиќ ќе напише:

,,Забележителните промени во физиономијата и визуелниот изглед на главниот град на Македонија започна со големата урбана, архитектонска и скулптурална реконструкција низ проектот „Скопје 2014“. Валентина Каранфилова Стевановска низ овој проект се профилира како еден од основните столбови на скулпторските промени и решенија кои следеа во проектот. Во тој контекст на реализација се издвојува нејзиното решение за изработка на најдоминантниот споменик заедно со фонтана, посветен на Александар Македонски.

Исто така во склопот на споменичната визуелизација авторката изработи и сложени скулптурални амбиентални поставки, дадениво хронологија. Во едно типично постмодерно разбирање на уметноста, сега имплементирано низ галерискиот формат на скулптура, имаме апропријативна идеја за љубовта кон татковината, како и нејзиното разбирање и артикулацијата. Со оглед дека ова прашање е универзална теми во уметноста, тоа секако најмногу се врзува за симболот на жртвувањето, заштитата, довербата и мудроста. Овие вредности сега се прикажани како постмодерна метанарација во новите општествени околности.

Иако на прв поглед овие скулптурални објекти изгледаат навидум класично, како да ја прикажуваат ренесансната визија на идеализирано саможртвување, на секој набљудувач ќе му биде јасно дека авторката си го става врз себеси товарот на ревитализација на основната национална структура. Персоналните искуства и јаката емоционална приврзаност на уметникот кон традицијата, неизбежно остава длабока трага во елаборацијата и изведбата на самото уметничко дело, но и во профилација на крајниот впечаток.

Треба да се истакне дека во самата непосредна близина уметничките дела, кои ги симболизираат сите елементи во компактната и доминантна единица и целина, се воспоставува комуникација не само низ нивниот физички однос, туку и низ составот на скулпторското дело. Компаративно гледано во дискурсот и нарацијата на уметникот Валентина Каранфилова Стевановска впрочем имаме некој вид транспонирана Mary Cassatt и тоа што таа го има сликано во своите импресионистички композиции, но сега со трансмисија на идејата се претвора во уметнички скулптурален жанр“, напиша проф. д-р Џемил Бектовиќ за Стевановска.

Џемил Бектовиќ е универзитетски професор и претседателот на Бошњачката заедница во Македонија, активен подржувач на политиката на турскиот претседател Ердоган. Тој беше еден од организаторите на протестите за  поддршка на Ердоган во Македонија.

АКО.мк актуелно-објективно