Ве поздрави Груевски и рече ништо да не му чепкате

Пишува: Емилија Лазаревска

Нема друго решение, или поточно не би смеело или не би требало да има друго решение, освен Државен архив на Република Македонија да се врати во својата матична , наменска зграда изградена пред половина век од КОМУНИСТИТЕ! Не случајно Комунистичка партија на СРМ изградила специјална наменска зграда за национална институција која ја дефинира и по својата суштина, дејност и име, државнотворноста на една нација и држава. Државен архив на Република Македонија.

КОМУНИСТИТЕ, да тие, во минатиот социјалистички систем и ја дале целата државност на оваа земја, која ние не можеме да ја додржиме. Државен архив, МАНУ, Национална Универзитетска библиотека, Универзитет, Влада, Собрание, Институт за национална историја, Институт за македонски јазик, МНТ, па и на планот на религијата-МПЦ автокефалност, а во нивно време почнал да се гради најголемиот христијански храм Соборниот, во центар на Скопје и тоа со доброволни прилози на членовите на Сојуз на комунисти на Македонија!

Па и правосудниот систем е втемелен многу пред сите нас. И тој си ги има своите место и улога во дефинирање на државноста и постоењето на еден народ, нација, граѓаните на една држава. Посебно ако функционира како што треба.

Нашиот, во модерна Македонија, знаеме каков е. Плаче за темелни реформи, кои очигледно ќе причекаат. Барем што се однесува до квалитативните и персонални решенија . Условите за работа, просториите и другите технички помагала, се секако важни за да работи нормално едно обвинителство, па и тоа за организиран криминал. Но, тоа не смееше да биде на сметка на   Државен архив на РМ.  Никако. Парите нема да одат фира, просториите се сосема добри и за Архивот. Сега мора да се вратат работите на свое место.

Несфатливо е како овде царува самоуништувачкиот ген. Да направиш од готово – вересија. Да имаш-па да немаш, туку-така некому тоа да му го откорнеш од срцето, да му ја земеш душата и сега да не му ја враќаш.

Знаете зошто Србија е држава со векови и има долга и богата историја и покрај сите глупости што и се случуваат? Не може да им падне на ум ваков анти- државен чин. За други нормални земји не сакам ниту да правам муабет.

Замислете да му текне некому во Берлин да го смени целосно личниот опис на Бундестагот, затоа што ужива во модерна архитектура, сака метал и стакло, а е на власт. Дури и стаклената купола беше премногу за тамошната јавност. За повеќе, не може, нема. Никому не може да му падне на ум таков апсурд. Никој не би имал таква храброст. Па дури и да помисли, во истиот момент или ќе си даде оставка или ќе го прогласат за луд. И да, никој не би му дозволил такво нешто. Но, ние им дозволивме.

Симболот на Скопје-зградата на Владата дело на архитектот Петар Муличкоски, се претвори во шампита, но еве веќе не ви е ружна. Ооо, ружна е , и тоа многу. Односно грда е. Премногу. Верувајте.

Ниту се тргна оградата, ниту фасадата. Спомениците си стојат. Сите решенија од претходните разорувачи на националното ткиво и идентитет се за вас нерешливи. Едноставно се прифаќаат по линија на помал отпор.

И уште згора на тоа, никој не одговара за ништо. Никола Груевски уште се шета со државно обезбедување. Ветуваа дека ама веднаш ќе го укинат грујовиот закон со кој си се чести да го обезбедуваат телочувари толку години колку што бил премиер и ништо. Грујо Први Велики во суд доаѓа со телохранителите коишто ние ги плаќаме. До кога  вака другари? Ружна  ви е владата, ружна ви е владата…

Прошетките до судот се за уметнички впечаток. Иста мета, исто растојание, исти судии.

,,Судењето за ,,Тенк“ се одложи“, ,,Судењето за ,,Траекторија“ е презакажано за…“, ,,Судскиот процес за ,,Трезор“ ќе почне кога ќе бидат екстрадирани Жутко и Лутко“…. Лук и вода. Шио ми га Ѓура. Прашина во нашите очи. За Скопје 2014 уште нема обвинение. Па зарем немало таму криминал?

Се ни се распаѓа пред очите, луѓе! Прокиснува. Капе од сите страни, подрумите се полни со вода, гипс картонот се рони…па зарем ова не е криминал?! Малку да не е ?

За Панорамско тркало и да не зборувам, па Карузелот уште врти на плоштад. И тоа ли е толку тешко да се дислоцира? Треба преку ноќ. Исто како што ги носеа, вие однесете ги.

Навистина навредува инертноста и непреземањето на конкретни чекори и реформи. Се замајуваме секојдневно со т.н судења по обвиненијата на СЈО. Кој дошол во суд, кој влегол, кој излегол, со каква ташна, се ,,насладуваме“ на сочниот јазик од обвинителското читање на обвинението за ,,насилствата во Центар“-„Андреј, Андрејчооо, излези надвор, пичка ви материна комуњарска, ти ли ќе рушиш црква, излези и ќе видиш што ќе те снајде, излези, да ти ја ебам мајката, вие ли ќе рушите црква, антихристи, неверници, уа, лопови, педеру, да ти ја ебам фамилијата, предавник, неверник, комуњаришта, живи нема да излезете од тука, да ми го јадете, на, еве ви, ќе ви го ставам во уста, комуњару, гомно комунистичко, Косовци, удбаши,…“. И? Потоа ние ќе пцуеме кога ќе биде изречена блага казна, според тоа кој колку непристојни зборови кажал. Знае Груевски дека е ова  мал доказ за неговите злодела. Затоа доцни и на судења, затоа бара да се тргнат камерите, затоа не му е гајле. Освен што му е мачно речиси секојдневното доаѓање.

Но, СИТЕ што учествувале во 2012 во одлуката да му се одземе душата на Државен архив на Република Македонија, наменската зграда до која се наоѓа она државотворно јадро-Институт за национална историја и Институт за македонски јазик, треба да ОДГОВАРААТ за национално предавство. Кому му пречеше ова национално јадро? И зошто?

Одговори и одговорност за ова мора да има. Дали е започната истрага , има ли кривични пријави, дали воопшто некој ќе одговара за нешто?

Некои прашања мора да имаат одговори. Инаку, нас ќе не снема, префасадирани, преименувани, прекрстени, недокрстени-до непрепознатливост.

 

АКО.мк(Емилија Лазаревска)