Генаралниот директор на ,,Алкалоид“, Живко Мукаетов, годинава, во изминатите два дена, беше домаќин на неколку премиери од регионот и на повеќе од 100 бизнисмени, кои дискутираа за предностите на региналното поврзување.

Во рамки на 6-тиот  САМИТ100, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа САМИТ100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Форумот e формиран е на маргините на Самитот во Трст за Западен Балкан.

Според потписниците на Меморандумот, Претседателот на Управниот одбор на САМИТ100, Живко Мукаетов, и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, целта на меморандумот е да ги обедини силите од приватниот сектор и силните регионални компании да работат заедно на спроведувањето на договорените проекти од Берлинската иницијатива.

„Годинава во Скопје, регионалната соработка на Самит100 е официјализирана преку потпишување на Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка на нашата платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6. Меморандумот се однесува на поттикнување на деловната соработка и унапредување на конкурентноста на регионалната и националните економии“, рече Живко Мукаетов во рамките на своето обраќање.

Премиерот Заев даде ваква оценка за самитот и регионот:

,,Целиот регион премногу долго чека за нашето полноправно членство во Европската Унија, но истовремено се согласувам и дека сите од регионот мораме да преземеме дејствија, ако сакаме да го доближиме стандардот на живот на нашите граѓани, до оној на земјите од ЕУ.

Во таа насока, сите премиери од Западен Балкан, проширено со Хрватска и Словенија, како и другите земји што го помагаат овој процес, работиме на унапредување на целата регионална соработка, заради тоа што сме убедени дека и западна Европа ќе нè почитува повеќе, ако бидеме поединствени, посплотени, и ако покажеме поголема соработка помеѓу компаниите, а со тоа и помеѓу земјите од регионот.“