Владата го одложи почетокот на Кембриџ-програмата за средно образование

На денешната седница, Владата одлучи да биде одложена имплементација на Кембриџ програмата, односно на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование. Задолжено е Министерството за образование и наука да го одложи започнувањето на имплементација на новите наставни планови и програми по наставните предмети математика, физика, хемија и биологија за прва година на гимназиско образование, за прва година на средно стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование во сите средни училишта.

ПДоговорот за оваа програма беше потпишан минатата година од поранешната владејачка гарнитура. Тој предвидуваше покрај во основното образование од оваа учебна година програмата „Кембриџ“  да се спроведува и во средното образование. Договорот беше потпишена меѓу МОН и Меѓународниот центар за наставни програми на „Кембриџ“  .

Прво програмата требаше да се спроведе во прва година, па потоа етапно да ги опфати сите години во средно образование, во стручните и во гимназиските училишта.

Кембриџ програмата предвидува изучување на математиката и предметите од групата природни науки – хемија, физика и биологија преку  наставни програми и учебници адаптирани на нашите национални особености, кои предвидуваат поголема интерактивност, но она што требаше да биде практично и едноставно, всушност предизвика многу потешкотии во основното образование, токму заради импровизацијата во наставните програми . Учениците се жалеа на нејасен материјал, со многу грешки и неподготвен наставен кадар.