Владата не објаснува зошто разрешува и поставува директори

Дејан Бошковски не е повеќе директор на ЕЛЕМ. Според Утрински весник тој е разрешен на владина седница и на негово место веднаш е именуван Христијан Мицковски.

Но, СДСМ во своето соопштение тврди дека Бошковски е разрешен. Тие бараат од новиот директор да се откаже од скапите проекти, како што се Рајска градина во општина Аеродром и барокни фасади низ градот.

,,Со денешната оставка на директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски, се потврдија катастрофалните политики што неспособните кадри на ВМРО-ДПМНЕ ги водат во енергетскиот сектор, се вели во реакцијата на СДСМ. Заради несовесното работење изминативе 10 години граѓаните плаќаат за 100% поскапа електрична струја.

СДСМ со години алармираше на свесно уништување на енергетскиот систем во Македонија, со апсурдните проекти што државната компанија ЕЛЕМ ги спроведуваше по нарачка на Никола Груевски, стои во соопштението.

Наместо да вложува во енергетскиот сектор и да го зголемува домашното производство на електрична енергија со што граѓаните ќе имаат пониски сметки за струја, ЕЛЕМ ги трошеше парите на граѓаните во Рајски градини и барокни фасади од неколку милиони евра.

Апелираме новоименуваниот директор веднаш да ги запре овие налудничави проекти”, се вели во соопштението на СДСМ.

На сајтот на Влада на РМ нема ништо ниту за разрешувањето на Бошковски, ниту за именувањето на нов директор на едно од најбогатите Јавни претпријатија ЕЛЕМ.

Доцна попладне Електрани на Македонија во државна сопственост објави соопштение во кое известува дека новиот директор Христијан Мицковски, професор на Машински факултет е именуван од Надзорниот одбор за Претседател на Управен одбор. На претходниот Дејан Бошковски му завршил четиригодишниот мандат.

Инаку, во последните 10 години откако е на власт коалицијата ВМРО ДПМНЕ – ДУИ, владината прес служба престана да подготвува и објавува соопштенија за тоа што работи владата на своите седници, кои се затворени за јавност. Практиката на Груевски беше тој да излезе на тематска прес конференција со останатите членови на Влада зад себе и да информира за проекти со позитивна рекламна конотација, а често тие обраќања завршуваа без прашања за новинари.

Порано, пред 2006, сите одлуки на владини седници беа објавува во опширни соопштенија.

Е. Л.