Владата финансиски и просторно ќе даде поддршка на Сојузот на борци

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска се сретна со претставници на Сојузот на борци, Вера Бунтевска, в.д.претседателка на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија, Евзи Мемети, потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на борци на Република Македонија и Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ.

Преставниците на Сојузот на борци му го честитаа на премиерот Заев назначувањето претседател на Владата на Република Македонија и составот на демократска Влада.

„Вашите заложби, верба и оптимизам даваат сила и водат напред. Вверуваме во вас, ве поддржуваме и ве охрабруваме да продолжите со мудрите политики со коишто се грижите за сите граѓани и на Република Македонија и го враќате достоинството на луѓето и на државата на регионален и меѓународен план“ порачаа претставниците од Сојузот на борци на Република Македонија и од Град Скопје.

Тие се заблагодарија на премиерот Заев и на Владата што уште во ребалансот на Буџетот за оваа година се предвидени средства на Сојузот на борци на Република Македонија и за политиките на разбирање што ги покажува новата Влада за значењето на борците за Република Македонија и за НОБ, еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија.

Премиерот Заев соопшти дека Сојузот на борци на Република Македонија, како што доликува ќе биде застапен со соодветни финансиски средства во Буџетот и за 2018 година за да може да ги реализира програмите и активностите со коишто се негува традицијата и се афирмираат придобивките од НОБ, преку современиот патриотизам за татковината.

– Тоа е значајно во историска смисла, но и за вредностите значајни за сегашните и идните генерации, трезвеноста, определеноста кон слободата, кон љубовта и заштитата на државата, шти ги застапува Сојузот на борци на Република Македонија, чиј член сум и јас, како поддржувач на организацијата, соопшти премиерот Заев.

На средбата е договорено Владата да помогне на Сојузот на борци на Република Македонија со соодветен простор за функционирање со оглед дека им е одземен нивниот имот, за којшто организацијата планира низ правни процедури да дојде до правдата. Исто така, претставници на организацијата ќе бидат вклучени во одбележувања значајни датуми за Република Македонија и во сите други државни настани, со што ќе се врати значајното место на борците во општествениот живот во Република Македонија.(соопштение на Влада на РМ)