Владата ќе изготви краткорочни и среднорочни реформски планови за евро-атланстки интеграции

Владата на Република Македонија на денешната седница утврди насоки за реализација на итните реформски приоритети важни за евро-атлантските интеграции на Македонија.

Уште од утре, работни групи на различни владини нивоа почнуваат со дефинирање сет мерки за краткорочен 3-месечен план, како и за среднорочни планови од 6 и 9 месеци, за реализација на клучните реформски приоритети на Република Македонија.

Станува збор за изготвување документ – Патоказ, со дефинирани обврски на Владата во делот на реформскиот процес важен за евро-атлантските интеграции. Владините активности ќе се базираат на нотираните приоритети во вчерашните разговори на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со еврокомесарот за проширување на ЕК, во Брисел, Јоханес Хан, како и согласно забелешките на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе.

Претседателот на Владата, Зоран Заев информираше дека постои сериозна заинтересираност од Европската унија за евроинтеграциските перспективи на Република Македонија. Во таа насока премиерот Заев побара сериозна посветеност од сите министри кон потребниот реформски процес.

На владината седница, согласно вчерашните пораки од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел, констатирано е дека реализацијата на клучните реформи во земјава води кон рестартирање и на односите со Алијансата и отвора перспективи и за членство на Македонија во НАТО.

Како некои од клучните мерки се посочени обезбедувањето професионални институции, владеење на правото, услови за објективно функционирање на медиумите, антикорупциски мерки. Исто така констатирана е и потребата од безбедносни и одбранбени реформи, со цел вистинска модернизација и професионализација на Армијата на Република Македонија.