Владимир Панчевски е осуден за мобинг

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, е осуден за вршење мобинг врз вработен во времето кога ја извршуваше функцијата. Пресудата ја донесе Основниот суд Скопје 2 по тужбата на Горан Стаменковски, поранешен раководител на Сектор за човечки ресурси во Кривичниот суд.

„Tужбеното барање на тужителот, делумно се усвојува. Се утврдува дека тужениот сторил мобинг врз тужителот“-стои во пресудата.

Во  тужбата на Стаменковски е наведено дека Панчевски во подолг временски период го прераспоредувал Стаменковски на други работни позиции, го казнувал, а тужителот морал и да исполни норма која не постои во практиката на Судот.

Во Законот за заштита од вознемирување на работно место се пропишува дека е забранет каков било вид на  вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на заштита од вознемирување на работно место.