ВМРО ДПМНЕ бараше, но мнозинството одби да го тргне европското знаменце од Закон за јазици

 

На собраниска комисија влезе во процедура Законот за употреба на јзици и тоа со европско знаменце, што значи дека ќе се носи по скратена постапка, без јавна расправа.

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше што Предлог Законот за употреба на јазиците без јавна дебата и со европско знаменце, денеска се најде на расправа пред Комисијата за европски прашања.

Пратеникот Антонио Милошоски, побара повлекување на европското знаменце од предложениот закон.

Расправата на оваа комисија е класична политичка злоупотреба, затоа што предлог законот нема никаква допирна точка со акт на ЕУ, туку е резултат на политички договор – рече Милошоски.

Тој денешната комиска расправа ја оцени како „смоквин лист кој треба да ги покрие неуставноста и недостигот на дебата“.

Милошоски побара министерот за правда да објасни, врз основа на која европска директива се расправа за овој закон во Комисијата за европски прашања.

Не е спорно што предложениот закон е резултат на политички договор, спорно е што тој е неуставен и што се злоупотребува европското знаменце – рече Милошоски.

Илија Димовски побара за Предлог Законот за употреба на јазиците да се расправа прво на матичната комисија за политички систем.

На денешната комисиска расправа беа присутни претставници на меѓународната заедница, претставници од американската амбасада во Скопје, од ОБСЕ и од ЕУ.