ВМРО ДПМНЕ бара оставка од Оливер Спасовски и го обвинува дека го штити убиецот на Јанушев

,,Скандалозно е да се случи убиство пред преполно кафуле, на улица, пред десетици минувачи, убијците да си заминат и три дена никој да не преземе ништо.

Морално и чесно би било, неспособниот Оливер Спасовски веднаш да си даде оставка и да ја препушти функцијата на некој што не би бил во коалиција со криминалот“-реагира ВМРО ДПМНЕ, само два дена по убиството на младиот Јанушев.

,,Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да избега и да стигне каде сака!

Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да се засолни било каде, да бара алиби и да се обиде да ја префрли вината на некое трето лице.

Прашањето што се поставува во моментов гласи, кој му ја дава оваа предност на убиецот и зошто тој добива ваков третман? Зошто нема потерница? Каде се снимките од безбедносните камери? Зошто се крие со каков автомобил се движеле?

Министерството за внатрешни работи го нема. Исчезна и Оливер Спасовски кој љубеше да држи прес конференции за мачки што гребеле автомобил“ -рече на прес конференција Александар Нацев.

 

,, Се поголеми се и сомненијата дека намерно се одолговлекува со истрагата.

Дали е тоа така заради политичката блискост на сторителите со високи кругови во власта како што се говори на големо по социјалните мрежи?

Веќе 3 дена граѓаните се во страв и загрижени за нивната безбедност, а медиумите и невладините организации се плашат да прашаат зошто Оливер Спасовски спие.

Пред 3 дена се случи убиство на најбрутален начин со 5 куршуми во главата на младо момче, пред полно кафуле и голем број очевидци, а убијците се на слобода и во бегство.

Целиот град зборува и околу мотивите и околу сторители на убиството, само МВР ништо не знае. Медиумите веќе и пишуваат дека се работи за луѓе со дебели криминални досиеја, блиски до СДСМ и новата Влада.

Дури и новинарите блиски на СДСМ како Сашо Ордановски предупредуваа дека СДСМ треба да си ги заузда рекетарите со дебели вратови и тетоважи кои ја имаат полициската поддршка да дивеат низ град.

Едно семејство е завиено во црно, згасна животот на младо момче кое брутално беше убиено, а утре тоа може да биде било кој. Убијците се охрабруваат со несоодветното и бавно постапување на МВР. Тоа е цената што сите ја плаќаме на политичкото разместување на професионалците и поставувањето на неспособни партиски кадри на нивно место. Тоа е цената што сите ја плаќаме за ослободувањето и соработувањето со криминалците кои добија свој заштитник во полицијата и хунтата на Заев.

Со доаѓањето на власт на СДСМ мафијата си доби своја држава, а Скопје стана арена на мафијашки пресметки каде единствено важи законот на оружјето.

Откако дојде СДСМ на власт изминативе пола година видовме еден куп запалени и изрешетани автомобили, грабежи на банки и пошти, сквернавења на гробишта и пукање по улици, убиство на кандидати од локалните избори, а не е разрешен ниту еден случај“-изјави Нацев од ВМРО ДПМНЕ.