ВМРО ДПМНЕ бара оставка од Таравари додека Инфективната клиника ја раководи нивен кадар

,,Алармантна и загрижувачка е ситуацијата во Гостивар и гостиварско. Повторувам, ситуацијата во Гостивар и гостиварско е алармантна и загрижувачка“-изјави драматично на прес конференција Дафина Стојан оска од ВМРО ДПММЕ.

,,За само 3 дена негрижата и неспособноста на министерот Таравари однесе два човечки животи на возраст од 47 и 23 години. Повторувам два човечки животи, а јавноста дозна дури денес.

Зошто веќе неколку дена се молчи дека се шири смртоносна болест низ државата и зошто се молчеше дека починале две лица како резултат на истата?“прашува ВМРО ДПМНЕ во исто време кога директорот на Инфективна клиника Звонко Миленковиќ, кадар поставен во времето на владата на Груевски, смирува и вели нема место за паника.

,,Негрижата, неспособноста и одговорноста во овој случај припаѓа токму на министерот за здравство Таравари. Непосветеноста да се спречат нови смртни случаи денес ја видовме на дело, со тоа што стручните лица инфектолози дури денес излегле на терен, после неколку дена откако знаеле за заразените од вирусот. Ова е крајно непрофесионално и демонстрира неспособност од страна на министерството.

Во овој момент не би сакале да предизвикаме паника кај граѓаните, но уште еднаш повторуваме дека се работи за сериозен вирус кој се шири во Гостивар и гостиварско и бараме веднаш стручните лица да не молчат и веднаш да се произнесат за каква болест се работи и да објават како би можеле граѓаните да се заштитат.

Таравари наместо да правеше ПР стратегии и хаштази, требаше да се фати за работа и да не дозволи ширење на болеста. Наместо да одржуваше средби со амбасадори, требаше да биде помеѓу граѓаните и да се соочи со нивните реални проблеми.

Најмалку што може да направи во моментов Таравари е да си поднесе оставка заедно со целиот тим“-изјави Стојаноска.