ВМРО ДПМНЕ врши секојдневен притисок врз судовите да не изрекуваат притвори за нивни функционери

ВМРО ДПМНЕ, преку  Орце Ѓорѓиевски и денеска побара судовите да не ,,подлегнуваат на притисоци“ и да не изрекуваат мерки притвор за нивни функционери.Оваа партија смета дека СЈО е алатка на СДСМ и дека со барањето притвор вршат притисок врз Апелација. ВМРО ДПМНЕ тврди дека нивните функционери се почитувани и тука и во светот и дека тие нема да бегаат.

,,СЈО води организирана, политички мотивирана хајка против ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата, само за да му помогне на Зоран Заев и СДСМ. Целта е создавање на негативна слика за партијата во очи на претстојните локални избори, во корист на СДСМ.

СЈО работи во полза на СДСМ и преку своите монтирани случаи создава материјал за медиумите кои им се под контрола да го оцрнуваат ВМРО-ДПМНЕ.

Барањата за притвор на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се алатка за притисок врз апелациониот суд за да не ги поништи првостепените одлуки за одземање на патните исправи на истите“-рече Ѓеорѓиевски.

,,Барањата за притвор, како и мерите за претпазливост се целосно неосновани, без ниту еден доказ и апсолутно неаргументирани. Истите се засноваат исклучиво врз политички мотивирана агенда за хајка против ВМРО-ДПМНЕ.

Тезите на СЈО дека истите се поради опасност од бегство на лицата за кои се бараат, се погрешни и тенденциозни. Лицата опфатени во барањата за изрекување на мерки за обезбедување на присуство или мерките за претпазливост се функционери кои уживаат углед во земјата и странство, истите често патуваат, во најголем дел службено, па доколку некој до сега сакал да избега можел тоа да го стори неколкукратно.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема сторено ниту едно кривично дело, токму заради тоа нема зошто да се впушта во бегство. ВМРО-ДПМНЕ верува во правниот систем на Република Македонија, кој донесува одлуки врз база на Уставот и законите, а не врз база на политички монтирани обвиненија кои се срам за правната наука.

Судот не смее да делува по ничиј диктат и истиот не треба да подлегне под политички притисок на СДСМ/СЈО. Судот мора своите одлуки да ги темели исклучиво врз база на докази.