ВМРО ДПМНЕ: Годишната програма на Министерство за култура е скандалозна

,,Годишната програма на Министерството за култура е скандалозна и таа мора веднаш да се повлече“, реагира ВМРО ДПМНЕ.

,,Годишната програма на СДСМ и Министерот Роберт Алаѓозовски е безидејна, неправична, популистичка и не поддржува рамноправен културен развој во Република Македонија, како на локално ниво, така и во однос на етничката застапаност на заедниците кои живеат во Република Македонија.

Програмата е одраз на задоволување на апетитите на подобните соработници на Заев чии долгови се подмируваат со пари на граѓаните. Нетранспарентноста на критериумите согласно кои се одобрени проектите и распределени средствата, ни дава за право, да заклучиме дека основните критериуми и начела за распределба на проектите се пред се политички, а  дури потоа естетски.

Најгласните експоненти на таканаречената „Шарена револуција“ се застапени со два, три или четири проекти, а се кратат или се одбиваат голем број значајни проекти. Министерството за култура поделило пари и за проекти во кои фигурираат и членови на комисиите, а финансиска поддршка е предвидена и за проекти зад кои стојат членови на Советот за култура на министерството“-изјави Роберт Велјановски.

 

,,Народни пари се делат на проекти за кои што јавноста виде дека лицата кои се потпишани воопшто немаат информации или пак се одобруваат средства кои се повисоки од побараните.

Скандал до скандал, а најтрагични се оправдувањата дека биле направени само технички пропусти.

Овие технички пропусти говорат за третманот кон културата и кон народните пари од страна на Алаѓозовски и СДСМ.

Програмата ги дискриминира носечките национални установи. Установите кои би требало да се носители на културното живеење се ставени во подредена улога за сметка на фаворизираната независна, односно приватна продукција.

Со ова, Министерството за култура не ја демонстрира и во пракса не ја спроведува декларираната посветеноста кон културни политики што целат кон изградба на едно општество за сите, кон децентрализација на културата и кон еднаков пристап до културата за сите граѓани на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ бара Владата и Министерство за култура под итно да ја повлечат Годишната програма и да отпочнат постапка за изготвување на нова програма за 2018-та согласно декларираните принципи на правичност, диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, а согласно интересот на сите граѓани на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат повлечени сите членови на комисиите кои имаат конфликт на интереси и да се постават нови кои немаат.

ВМРО-ДПМНЕ бара Програмата да биде повлечена и поради фактот што во оваа Годишна програма аплицирале и одобрени им се проекти на лица кои имаат или може да имаат директно влијание врз одлуките на Стручните комисии.

ВМРО –ДПМНЕ бара Програмата под итно да биде повлечена и поради скандалот без преседан во историјата на македонската култура, скандал во кој една од најреномираните македонски културни установи поднела документи и добила проект без согласност и потпишано одобрение на членовите на македонската Рок група со меѓународно реноме. Овој срам за македонската култура веќе е одбележан и во балканските медиуми како обид за измама и обид за проневера. Овој случај, остава простор за сомнение за слични или поголеми неправилности.

ВМРО-ДПМНЕ цени дека наместо декларираниот развоен елемент на македонската култура, со оваа програма се уназадува културата и културното живеење. Понудената програма нема концепт и во неа не можат да се препознаат основните приоритети на овој состав на Министерството за култура, во културата и културното живеење во Републиката“-изјави Велјановски.