ВМРО-ДПМНЕ јавно го прашува Петре Шилегов со кого војуваа партизаните кога го ослободуваа Скопје?

Од која војска беше фашистичкиот окупатор  со кој се бореа македонските херои – партизани и зошто ниту еднаш тоа не го спомна во својот говор?

Дали не е фашизам тоа што Петре Шилегов, Заев и владата на СДС се откажуваат и сакаат да менуваат историја на една држава?

Пред споменикот на ослободителите, на платото пред Владата на Република Македонија, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов,  претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ. Шилегов рече:

– Денеска кога го одбележуваме празникот на Градот, се сеќаваме на храбрите партизани кои го ослободија Скопје на 13.ноември 1944 година. Судбината сакаше и денеска да е понеделник како и тој ден. Се сеќаваме на борците од 12-та, 16-та и 3-та бригада кои од три различни страни се пробија во Скопје и со скромна опрема и обука успеаја да протераат далеку посупериорен противник. Тука треба да се издвои пожртвуваноста и одлучноста на борците од 12-та скопска ударна бригада кои ги водеа најжестоките улични борби за Железничката станица, Офицерскиот дом, Камениот мост, учителската школа и браната на Матка. На 13.ноември 1944-та, беше важно да не се дозволи туѓи војски да учествуваат во ослободувањето на идниот главен град, но заради познавањето на градот и очекуваните улични борби, беше важно скопјани да го понесат главниот товар со нивната новоформирана бригада. Овде со нас се некои од борците од 12-та скопска ударна бригада и кон нив сакам да изразам посебен восхит и благодарност. Ви благодарам за  жртвите што ги дадовме за слободата на нашиот град. Важно е да се спомене улогата на диверзантските групи составени главно од млади СКОЈ-евци кои во Скопје дејствуваа зад непријателски линии и ги нарушуваа комуникациите на непријателот саботирајќи ги нивните телефонски жици, пруги, камиони… Токму овие луѓе го спасија  симболот на градот – Камениот мост од уништување, а нивниот спомен – музеј на илегалната партизанска работилница за оружје со години беше затворен заради негрижа. Наскоро овој музеј повторно ќе биде отворен, а јас ќе се погрижам да биде што повидлив и попосетен. Ова е ден да се потсетиме дека војната по која што беше ослободено Скопје беше истовремено и народноослободителна и антифашистичка. Токму ова второво беше заборавено минатава деценија и Скопје дозволи повторно да биде газено од луѓе со слични вредности како оние на соработниците на окупаторот во Втората светска војна. Градот што загуби илјадници свои сограѓани во логорите на смртта и којзнае уште колку други убиени, мачени и прогонувани низ целата војна, не смее да заборави на својата антифашистичка историја и на лекциите од минатото. Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее со овој град – рече пред присутните градоначалникот Петре Шилегов.