4 часа по прес конференцијата на Никола Груевски, на која едно момче што стоеше зад него падна во несвест, а потоа, откако никој не му помогна, самото си замина од редот на статистите, нема никакво објаснување или соопштение од ВМРО ДПМНЕ што се случи и каква е неговата здравствена состојба. На фотографиите кои се поставени во рамки на пишаниот говор на Груевски, го нема момчето, а видеото од обраќањето на Груевски, овојпат не е постирано  на итернет страницата.

Објавен е интегралниот текст и неколку фотографии:

,,100 дена лаги, неспособност, хаос и понижување.

100 дена партизација, кадровски дебакл, незаконско работење и уривање на институциите.

100 дена укинување и блокирање на проекти, економско тонење, задолжувања, неработење и непромислени и површни потези.

Ова е тоа што го трпеше Македонија и граѓаните на Македонија изминативе 100 дена. Ова е тоа што Зоран Заев на денешната негова прес конференција полна со полувистини и голи фрази, свесно го премолчи. Ова е резиме на начинот на кој што СДСМ владее.

Незадоволни земјоделци, разочарани пензионери, прелажана младина, издадени национални чувства и национално достоинство, бизнис заедница и синдикати ставени на маргините, заборавени работници, и ниту еден, повторувам ниту еден одржлив, сериозен, поголем, суштински проект кој ќе даде надеж кај било кого дека барем нешто ќе биде добро со оваа власт.

Нашите граѓани заслужуваат подобро! Нашите граѓани сакаат подобро!

И може многу подобро од ова!

Почитувани,

Никого не чуди веќе вртоглавиот пад на нивната поддршка и големата разочараност. Како што дојдоа на власт, така и ја практикуваат. Дојдоа по пат на хаос, нечесно и со тешки манипулации и интриги, и нормално продолжуваат и работат на истиот начин.

Ние не очекувавме повеќе и подобро од нив, но сега и тие што очекуваа видоа каков експеримент и се случува на нашата држава.

Сега граѓаните ќе можат добро да споредат. Оние кои подзаборавиле како е кога СДС е на власт, може да се потсетат.

Токму вака изгледа, а ќе биде и полошо доколку не им застанеме на пат.

Овој кошмар може да се прекине на 15ти октомври!

Сето ова што и го прават на државата може да прекине на 15ти октомври!

Убедливото мнозинство не се согласува со ова!

Казната ќе стигне многу брзо! Народот гледа и одмерува! И ќе им покаже што мисли!

Македонија станува повторно на нозе! Ние ќе сме рамо до рамо со него, со секој еден граѓанин и одиме напред силно! Да го запреме овој хаос што го прават.

Но, да одиме по ред:

Ова цунами и се случуваше на Македонија изминативе стотина дена.

Многу искрено ќе истакнам, и така сакам да бидам сфатен дека сум сериозно, сериозно загрижен за правецот во кој оди економијата. Економијата е клучна работа која се однесува на сите граѓани без разлика на пол, вера, нација и партија, и оваа неспособност и непосветеност која СДС ја покажува на ова поле може да доведе до сериозни ризици и далекусежни последици. Ако вака продолжат ќе има страшен удар врз макроекономијата, и тие предизвици нема да можат да бидат надминати во неколку мандати потоа од кога ќе се вратиме на власт, а тоа ќе биде брзо.

Ниту еден данок не е намален, а имаме најави за зголемување на даноци, што ќе придонесе за осиромашување на населението, послаби перформанси на компаниите и ќе придонесе за закочување и уназадување на економијата.

Ниту една странска инвестиција не е реализирана, а веќе има најави по медиумите дека неколку странски инвестиции се пред повлекување. Иако им оставивме 60 инвеститори кои се на чекор пред одлука за отворање на фабрика, овие инвеститори воопшто не се ни исконтактирани, а камо ли со нив нешто суштински да се продолжи. Тоа е срамно и недостоинствено и е на штета на граѓаните. Така не се отвораат нови работни места.

Не го исполнија ветувањето за поддршка на домашните компании во вредност од 140 милиони евра како што најавуваа пред изборите. Наместо тоа бизинс секторот е исплашен од најавите за зголемување на даноците.

Коцептот за зголемување на минималната плата што го има СДСМ е непродуктивен и неодржлив, тоа ви го гарантирам, и за година до две тоа секуму ќе му биде јасно. Тие се обидуваат да корупмираат гласачи со нивниот потег, но без да кажат дека за 9 месеци од сега целиот тој концепт ќе се сруши како кула од карти и ќе доведе до отпуштања на работници и намалување, да, намалување на минималната плата или пак враќање од страна на работниците на дел од платата кон работодавачите кога ќе престанат државните субвенции. За жал може да дојде и до напуштање на некој компании и фабрики од Македонија и одење во странство или пак нивно затворање.

Просечната плата не само што не се зголеми на 500 евра како што Заев најавуваше во кампањата, туку за прв пат после подолг период таа се намали. Ако по денот утрото се познава, на економијата, за жал не и се пишува добро.

Она што е сериозно опасно, е значителното намалување на девизните резерви во висина од над 170 милиони евра тоа е еден лош тренд кој што се случува после долг период и кој може да придонесе да се загрози денарот, и да се наруши кредитниот рејтинг и имиџот на државата.

Младите луѓе беа измамени. Им ветуваа Младинска гаранција односно понуда за работа по завршување на образованието, но тоа не се има случено, и наместо тоа сега сме сведоци на обид за релативизација на тоа ветување, при што наместо вработување после студии како што ветуваат сега веројатно ќе одат со некоја понуда за пробна привремена практикантска работа, иако и тоа не е сигурно како што гледаме.

Пензионерите беа понижени и измамени. Не се случи зголемувањето на пензиите кое сакавме да го направиме. Наместо покачување од по 670 денари месечно како во период кога ние ја предводевме државата, добија само по 10, 20 или 100 денари покачување како резултат на законското усогласување кое новата власт не може да го одбегне, а некои од пензионерите не добија никакво покачување за што има сведоштва.

Дополнително се укинаа парите за изградба на пензионерски домови.

Имаме пад на индустриското производство, што покажува дека компаниите се успоруваат и се потешко работат.

Имаме уназадување на градежништвото кое беше мотор на развој и двигател на растот на бдп, и кое обезбедуваше голем број на работни места. Скратени се парите за капитални инвестиции, со ребалансот, а со истиот ребаланс се  укинаа и парите за изградба на повеќе училишта, градинки, студентски домови нивни реконструкции.

Владата нема започнато ниту еден, потенцирам ниту еден инфраструктурен проект.

Ветуваа изградба на 500 нови километри автопат, а ги блокираа постојните кои се во градба. На сите делници се работеше интензивно, а сега практично и не може да се забележи работници на терен.

Тоа е недозволиво однесување и претставува многу погрешен пристап. Зачуден сум од оваа индолентност. Не само што не започнаа ниту еден проект, оваа неспособна влада ги прекинува и уништува веќе започнатите проекти од наша страна и тоа без ниту еден аргумент, водени од злоба, омраза и гнев, а гневот е лош сојузник.

Автопатот Демир Капија – Смоквица го завршивме, а остана да се премести само еден далновод кој се решава во една недела, и да се заврши сигнализацијата за не повеќе од еден месец.  Но Владата со прст не мрдна за ова прашање, и наместо автопатот да е пуштен во употреба, а граѓаните безбедно и брзо да патуваат по најмодерно автопатско решение, само заради омразата на Заев кон ВМРО-ДПМНЕ се принудени 30 километри да патуваат бавно и по една лента плашејќи се за својата безбедност.

Изградбите на Автопатите Скопје – Штип и Кичево-Охрид на кои работеа по над 1000 работници дневно се речиси прекинати. Без сериозна причина и повод, се откажаа од изградба на автопати со несоодветно и неаргументирано образложение за некаков проблем, кој ве уверувам дека се решава во од и многу брзо, но само доколку се работи, а овие наши конкуренти не работат и тоа е видливо за секого

Владата најави драстично намалување на цените на катастарот и грубо излажа. Спротивно на закон се укина една услуга на катастарот која ја користат 3% од граѓаните, а направи 50% зголемување на цените за изготвување на геодетските елаборати услуга која ја користат над 200 000 граѓани.

Земјодлеците се брутално третирани, без никаков однос, а министерот е многу многу ретко, скоро и да не е присутен на терен кај земјоделците.

Земјоделските субвенции за кои велеа дека ќе ги зголемат не ги зголемија, и наместо тоа не ги ни исплаќаат оштетите од непогодата од мраз.

Нема никакво предвижување и во окрупнувањето на земјоделското земјиште.

Има многу сериозен и страшен проблем со откупот на земјоделски производи, земјоделскиот труд и производ е потценет.

На надворешен план ветуваа брз влез во НАТО и брзо почнување на преговори со ЕУ. Тоа што ветија не го исполнија. Не само што не станавме членка на НАТО и не ги започнавме преговорите со ЕУ, туку сега се обидуваат да ги измамат граѓаните обидувајќи се да го претстават како успех деблокирањето на препораката за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, односно остранување на условеноста на препораката. Да потсетам, Македонија таква препорака имаше се до моментот кога СДС одлучи да ја втурне државата во најголемата политичка криза. Сега тоа што го промовираат како успех не е ништо друго освен враќање назад кон целите кои веќе ги имаше постигнато ВМРО ДПМНЕ, и патот кој веќе беше изоден. Затоа сега се почесто слушаме изјави дека не зависи само од Македонија влезот во НАТО и ЕУ туку од објективниот проблем со името. Па секој кој со години ги слушаше и поверува на нивните лаги природно се прашува, па нели ние, ВМРО,  како гарнитура бевме проблем за решавање на името, нели според Заев проблемот е во Македонија?

Сега гледаат дека не било така, но што одбраа како против стратегија?

Одбраа политика на понижување. Политика на попуштање на се и сешто и национално понижување.

Нашата надворешна политика е без никаков концепт и базирана исклучиво на рушење на достоинството на нашата држава и константно понижување.

Градењето на добрососедски односи е посебна приказна. Се случи една од најголемите дипломатски кризи со соседна Србија, а со Бугарија потпишавме договор кој предвидува обврски само на македонска страна. Ревидирање и бришење на учебниците по историја е еден од условите кои Зоран Заев ги прифати, а беа предложени од Бугарија, и тоа ќе стане актуелно и неизбежно за една до две години од сега доколку овој договор биде ратификуван во нашиот парламент.

Дали некој мисли дека односите може да се подобруваат само со отстапки од наша страна? Одговорот е не! Со ваквиот пристап само се отвораат вратите и можностите за нови блокади во иднина, доколку не бидат исполнети сите барања на Бугарија во врска со договорот.

Како Заев гради добрососедство? Со тоа што прифати дека Гоце Делчев и сите македонски револуционери биле бугарски револуционери, а Илинденско востание било заедничко, и сме имале заедничка историја со бугарите. Дека на 11ти октомври 1941 година имало граѓански конфликт на идеолошка основа помеѓу бугарското население во Македонија.  Исто така не се ни обиде да издејствува признавање на македонскиот јазик, за кој нашиот сосед нема аргументи само со нас да го ословува со фразата ,,согласно уставот,, и со ниту една друга земја тоа не го прави. Ете така Заев гради добрососедство.

Којзнае што уште ја чека државата во идните предизвици со името и идентитетот?

Наместо да ги бранат интересите на Република Македонија и нејзините граѓани, Владата на СДС се залета да носи стратегија за згрижување на стотици илјади мигранти. Наместо како држава со скромни финасиски  средства и ресурси, и висока невработеност, како и многу нерешени проблеми, да мислат, пред се на интересите на нашите граѓани, тие работеа на тоа како да им угодат на мигрантите. Наместо да изградеа барем едно училиште и да мислеа за подобрување на условите во кои учат нашите ученици, или да помогнеа да некој инвеститор започне нова фабрика која ќе ги вработи луѓето од Македонија, тие работеа на изготвување план за интегрирање на мигрантите во образовниот процес, и делење државјанства на нови невработени луѓе кои ќе се борат за истите работни места како и оние небвработени од Македонија кои чекаат владата да им помогне да се вработат. Наместо да создадеа услови за отварање на нови работни места за младите, тие работеа на стратегија за изнаоѓање решенија за вработување на мигранти.

Почитувани,

Во здравството ветуваа реформи и подобрување на услугите, а им се случи најцрната недела во која што десетина дечиња ги загубија животите по разни болници. Одговорност, карактеристично за СДС, немаше.

Направија реваншистичка смена на директорите во јавното здравство, при која докажани професионалци и врвни доктори беа заменети со лица со помал квалитет, и при што назначуваа за директори лица кои меѓу другото имаа и правосилни пресуди за земање на мито од пациенти во минатото.

Не обезбедија ниту еден, значи ниту еден нов медицински апарат или опрема, а во наше време без набавени над 1700 апарати на најсовремена медицинска опрема.

Не е намалена цената на ниту еден лек, а во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше намалена цената на над 700 лекови.

Грубо, грубо ги излажаа докторите со ветувањето дека наводно ќе ја покачеле докторската плата на 100 000 денари, а не ја покачија ниту за 1 денар.

Имаме загрижувачка нетранспарентност при појава на заразни болести и криење на информации, како и нетранспарентност во санирање на појавената болест што за жал резултираше со загуба на два човечки животи од Гостивар.

Загрижува и индоленстноста на владата во справување со појавата на смртност кај новороденчињата.

Укинат е ургентниот интернистички центра при кампусот Мајка Тереза.

Запрена е изградбата на зградата на новиот клинички центар во кампусот Мајка Тереза, се беше завршено, договорот беше потпишан средства обезбедени остануваше само да завршат изборите и да започне градбата на новиот објект. Таа се запре а нова не е започната, и гарантирам дека во овој мандат на СДСМ нема да започне градба на клинички центар, ќе слушаме само ветувања Гарантирам, бидејќи знам.

Запрена е едукацијата на лекарите во странство. Редовно се праќаа во странство на обука по околу 1000 лекари во годината во најпрестижни болници да научат нови методи и да ги спроведат тука кај нас во Македонија.

Запрени се проектите за едукацијата која врвните странски стручњаци и лекари ја правеа во Македонија, а тоа го организираше владата.

Најново е тоа што сакаат да го укинат системот за едукација на специјалистите, и наместо соодветна изградба на нов медицински кадар се обидуваат да воведат концепт кој ќе значи фабрикување на доктори кои ќе ја немаат соодветната едукација и искуство за лекување на пациенти.

Во Министерството за внатрешни работи ветуваа реформи и одвојување на партијата од државата, а за Министер поставија партиски потпретседател.

За неколку месеци поделија стотици незаконски решенија на партиски кадри, газејќи ги и системот на кариера и Законот за внатрешни работи.

Во министерството за култура урнисаа се што беше направено. Вработија половина армија на нивни послушници кои манипулираа и лажеа по социјалните мрежи. Вработија уште половина армија од таканаречената платеничка револуција, а ги запреа проектите за изградба на драмски театар или театарот во Охрид, Универзалната сала и повеќе други. Назначуваа за директори, хаусмајстори со средно образование, а за први луѓе на меѓународни фестивали именуваа анонимни поединци без никакви квалитети и искуства.

Наместо унапредување во изминатиов период имаме класично уназадување на културата и културниот развој на нашата држава, и девалвирање на уметниците и на уметничките вредности.
 Намалени се средства од 4.5 милиони евра за културата во преостанатиот дел од буџетот за оваа година. Впрочем проектите во културата новиот премиер ги нарекуваше со зборот ,,глупости,, и таков третман ќе добива оваа гранка и во иднина. Гранка од која излегоа многу луѓе кои се бореа за СДСМ верувајќи во подобар живот.

Се врши дискриминација на уметниците , со предложените измени на Законот за култура каде што на оние уметници кои во иднина ќе се стекнат со национална пензија им се фиксира износот, и со тоа не им се дава можност за развојна разлика во средствата од нивната пензија до највисоката пензија во државата, исто така и со укинувањето на Законот за национален уметник, на уметниците не им се дава можност да се стекнат со ова највисоко признание

Запрени се сите инвестиции во културата, нема археолошки истражувања и ископувања, запрени се и  укинати сите средства за оваа намена.

Со новите политики на Буџетот се скратија средствата за реконструкции на училишта кои во најголем дел ова лето кога вообичаено се прават изостанаа, а се скратија и средствата за одржување и изградба на детски градинки. Владата на ВМРО-ДПМНЕ отвораше многу градинки за разлика од нас Владата на СДС очигледно нема намера да продолжи во таа насока.

СДС скрати  цели  44 милиони денари од парите наменети за Универзитет Свети Кирил и Методиј, во буџетот има 10 милиони денари помалку  за Универзитет Свети Климент Охридски Битола, 21 милиони денари помалку за Универзитет Гоце Делчев- Штип, 26 милиони денари помалку за Универзитет Мајка Тереза, 54 милиони денари помалку за Универзитет за информатички технологии во Охрид, 75 милиони денари помалку за изградба на новите објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, 105 милиони денари помалку за изградба на училишни спортски сали во основни училишта.  Ова е истата СДСМ која што ветуваше развој на образованието, инвестиции во образованието, подобрување на образованието и грижа за студентите и нивниот стандард.

Владата на СДС скрати цели 155 милиони денари за изградба и реконструкција на студентски домови, истата СДС која што секоја недела одеше во студентските домови и даваше изјави дека таму е катастрофална состојбата.

Владата предвиде 15 милиони денари помалку за преведување и печатење на стручна литература, со ова СДС крати од квалитетно образование на младите кои според логиката на СДС  нема потреба да учат од нови и квалитетни учебници преведени од најголемите светски автори од англиски, француски, германски јазик.

Оваа Влада на СДС нема никаков концепт за развој на образованието. Уште во првата недела од истата тие почнаа со укинување и кратење без никаква идеја за развој. Владата без да направи сериозна анализа и да ги праша граѓаните што мислат го укина екстерното тестирање, наместо негова надградба и унапредување како еден од механизмите за подигнување на објективноста и оценувањето, стимул за учениците да научат повеќе, да имаат повеќе знаење во животот.  Само заради тоа што мислат дека со тоа ќе соберат некој ситен политички поен. Наскоро ќе дојде време ќе дојдат години кога сите ученици ќе имаат во цел клас сите петки, без соодветно знаење. Кој ќе ја носи одговорност за тоа кога во нивните животи ќе се соочат со проблеми  затоа што го немаат заењето што го имаат нивните врсници од другите држави. По укинувањето на екстерното на ред дојде и предлогот за укинување на наставните програми и учебници по математика и природни науки, по кои се учи во основното образование во нашата земја веќе три учебни години и стопирање на нивното воведување во средното образование од септември годинава.

За жал основниот белег на стоте дена влада на СДС беше негрижата и индиферентноста кон проблемите. Десетици пожари беснееа низ државата , а министрите од владата наместо на терен да координираат со справувањето на пожарите беа заминати на одмор. Резултатот од тоа беа речиси 3 хектари опожарени шуми, а изгорени беа и домови во селата кои беа загрозени.

Неажурноста на владата на СДС се виде на дело и со справувањето со депониите, од кои две со денови гореа непосредно до градовите, а 26 министри од владата не успеаа да ги санираат. Граѓаните на Струга и Тетово најдобро ја почуствуваа неспособноста на новата власт, која ги остави да се дават во канцероген и опасен чад, иако експертите и здруженијата алармираа и предупредуваа.

Ова што го прави СДС на сопствениот народ и држава е рамно на цунами.

Ова сите ние заедно можеме да го прекинеме и ќе го прекинеме.

 Со локалните избори на 15ти октомври почнува падот на оваа неспособна власт.

Стотици граѓани ме прашуваат зошто не го запреме ова цунами, овој хаос, неспособност, неодговорност и негрижа која сите ја гледаат. Одговорот е дека со 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, нашиот маневарски простор е ограничен. Само со масовно излегување и гласање против СДСМ на 15ти октомври, ќе започне крајот на овој хаос. Само тогаш народот ја има моќта во своите раце. Поразот на СДСМ на локалните избори не само што ќе биде јасен сигнал од народот за неговото незадоволство од лагите, негрижата и неодговорнсота, туку ќе отвори и можност и потреба за предвремени парламентарни избори во Македонија.