ВМРО ДПМНЕ објави снимка на која наводно Зоре Темелковски се заканува да гласаат за Филип Темелковски

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Зоре Темелковски, татко на кандидатот за градоначалник од СДС за Кисела Вода, Филип Темелковски, поради основано сомнение дека именуваниот преку закана со отказ на вработени во јавната и државната администрација од населбата Драчево постапил спротивно на член 160 став 1 од КЗ на Република Македонија. Како логистичка и фактичка поддршка на стореното кривично дело, Зоре Темелковски како што самиот вели веќе направил селекција на над 1.100 вработени кои доколку не гласаат за СДСМ може да останат без работа, објави ВМРО ДПМНЕ.

Доказ за заканите и притисоците кои ги вршел Темелковски е оваа аудио снимка која ќе ја слушнете во продолжение, а која се рашири низ социјалните мрежи и низ медиумите во државата, а на која не реагираа ниту Јавното обвинителство ниту МВР за да постапат по службена должност. Поради ова ситуација ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против именуваниот и ќе ги заштити граѓаните од самоволието на СДС, рече Оливер Андонов.

,,Од оваа снимка јасно се слуша(патем ништо не се слуша н.з.) како Темелковски вели дека постојат над 48.000 вработени во администрацијата на кои им поминува договорот во ноември, додека од Драчево бројката е 1.100, луѓе кои можат уште утре да останат без работа. Според Темелковски како што можевме да слушнеме од снимката семејствата на 1.100 вработени сега молеле преку други луѓе за да останат на работа.

Ова е еклатантен пример како функционира СДС кога е на власт. СДС и нивната врхушка ја злоупотребуваат позицијата на власт за да им се закануваат на вработените граѓани во државната администрација да гласаат за нивната партија, а доколку не гласаат дека ќе останат без работа. Се е исто како во 1994 година, а по методологија на владеење од 1948 година.

Аудио снимката од која јасно се слуша како Темелковски се изживува со вработените во државната администрација користејќи ја позицијата на моќ преку власта на неговата партија за да одлучува за нивните судбини и егзистенција е дно за демократијата и правната држава. Како што веќе реков, Темелковски со ова врши односно изврши кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“, казниво по чл.160 ст.1 од КЗ, дело за кое е предвидена казнена санкција од најмалку 3 години затвор“-рече Андонов.