ВМРО ДПМНЕ и денеска бара МВР и министерот Спасовски веднаш да изчлезат во јавност и да дадат одговори за убиството на младиот Јанушев.

Еве ја изјавата на Дарко Костовски:

,,Едно семејство е завиено во црно затоа што криминалните банди дивеат без никој да ги контролира.

Младиот фудбалер Мартин Јанушев најбрутално беше убиен со пет куршуми пред кафуле на очиглед на многу минувачи и сведоци.

Поминува и четвртиот ден од грозоморното убиство на млад човек, а убиецот се уште се шета на слобода.

Кој му го овозможи тоа и зошто? Ова е круцијално прашање на кое што нема одговор во моментот?-праша Костовски.

 

,,Целата јавност веднаш по убиството веќе говореше кој е сторителот, а МВР молчеше и не презеде ништо. Дали е тоа заради блискоста на криминалците со владеачката гарнитура и заради долговите што СДСМ има да ги враќа за се што овие одработуваа за нив претходниот период?

Се погласни се информациите дека убиецот и луѓето околу него се засолниле во една соседна земја. Демант на овие информации нема, како што немаше ниту соодветна реакција од страна на полицијата водена од партискиот потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски веднаш по убиството.

Зошто веднаш по убиството не беше направен обрач? Зошто веднаш по убиството, убиецот не беше ставен на стоп листа? Кога убиецот ја поминал границата и на кој граничен премин? Со чие возило? Кој го изнел од Скопје?

Ова се прашања кои ќе имаа одговор доколку полицијата работеше професионално, а не по партиска наредба. Ова се прашања кои немаше потреба да се поставуваат, доколку СДСМ не е во спрега со криминалното подземје и доколку сторителот беше веднаш приведен.

Полицијата сигурно ги имала сите овие информации веднаш по убиството. Полицијата сигурно имала снимки од безбедносните камери и знаела кое е возилото и неговата траекторија на движење.

Непостапувањето на Оливер Спасовски го прави соучесник во криминалот. И него и неговите партиски послушници кои овозможија убиецот да избега.

Граѓаните се загрижени за својата безбедност!

Граѓаните бараат одговорност од Оливер Спасовски и одговор на нивните прашања!

Сега го гледаме резултатот на разместувањето на професионалните полицајци и на нивно место поставување партиски послушници. Мафијата со доаѓањето на СДС на власт си доби држава, во која ќе може да се пресметува со кого сака.

Со Оливер Спасовски на чело на МВР се вративме да живееме во 90-тите години кога луѓе гинеа на секој чекор, убијците беа заштитени од власта, а полицијата сето тоа го премолчуваше.

Поминаа 6 месеци, а ниту еден разрешен случај од страна на МВР и покрај толку насилие и терор по улиците. Криминалот цвета на секој чекор.

 Најмалку што може Оливер Спасовски е да си поднесе оставка од функцијата министер и тоа веднаш!“-рече Костовски