ВМРО ДПМНЕ: Со покачување на акцизата на нафтата следува бран поскапувања

Со покачувањето на акцизата за нафтата, владата  директно удира по џебот на граѓаните. За жал поскапата нафта највеќе на свој грб ќе ја почувствуваат земјоделците, сите превозници, таксисти, камионџии и останати, но за жал и над 200.000 граѓани кои возат дизел возила-изјави Лазар Поповски од ВМРО ДПМНЕ.

Така на пример земјоделците кои одгледуваат ориз, трошоците при обработка на секој еден хектар насад ќе им се зголемат за 600 денари и тоа само поради покачувањето на акцизата за дизел горива. Дизел горивото како што знаеме тие го користат при орањето, при танирање, при валирањето, при жетвата, но и при превозот на готовиот производ, 600 денари повеќе трошок во услови кога СДСМ најавува укинување или намалување на субвенциите.

Истите и сличните примери се и кај таксистите и превозниците со камиони. Ако еден камион троши околу 40 литри дизел на 100 километри, новата цена на акцизата ќе значи дека камионите ќе трошат 150 денари повеќе на секои изминати 100 километри. Ако камионот вози 500 километри дневно, низ Република Македонија, тоа се дополнително 750 денари повеќе дневно, или месечно скоро поголем трошок од речиси 20.000 денари.

Сличен случај и кај таксистите. Така ако еден таксист поминува 200 км на ден, трошокот се зголемува за 50 денари секој ден, или над 1.500 денари месечно, вели Поповски.

Ваквата мерка  ќе донесе низа покачувања на јавниот превоз, ќе донесе во такси превозот, на земјоделските намирници и култури и готовите производи. Но за жал ќе донесе до покачување на сите гранки поврзани  со дистрибуцијата. Со еден збор поскапување на се и вовед во инфлација, смета ВМРО ДПМНЕ.