Едита Џемајлоска  од струшкото село Подгорци, направи одличен потег кога реши да финансира ископ на бунар со питка вода во едно село во Танзанија, Африка.

Гласот на Америка (македонски јазика) известува за овој хуман чин. Ви ја пренесуваме нивната приказна:

,,Неодамна жителите на едно населено место во Танзанија, Африка, добија бунар со чиста вода за пиење. Но, ништо нема да беше невообичаено, ако се знае дека оваа хумана активност ја финансираше една млада девојка од струшко Подгорци.

Бунарот сега го носи името токму на ова село. Идејата се родила од еден обичен разговор со нејзина пријателка која со семејството живее во Швајцарија, а кои повеќе години наназад финансирале изградба на бунари во Африка.

„Не реков дека ќе размислам, туку реков ајде го правиме и успеав. Главна причина беше јас како живо суштество како човек кој има услови кои се потребни за живеење, а има други луѓе кои го немаат сето тоа, сакав да помогнам на тој начин.Сигурно дека на овие луѓе им се скрати и периодот за кој оделе да набават вода и сигурно сега им е поблиску до нивните домови“, изјави Едита Џемајлоска, донаторката на бунарот за вода во Африка.

Таа истакна дека бунарот бил изграден  само за две недели, а во моментот се гради уште еден, исто така во Танзанија.

„Но, овојпат не сакам да бидам вклучена само јас, туку сакам и други луѓе да ги запознаам со таа работа, бидејки кога ќе видите дека е нешто ваше дело, а дека од тоа нешто имаат корист многу други луѓе, сакав да ги запознаам и поблиските мои родини со процесот“.

Нејзиниот татко, сопственик на приватна компанија во Струга, вели дека бил изненаден од потегот на Едита, за што дознал откако проектот се реализирал.

„Ниту на крај памет не помислував дека може ваква работа да се случи и тоа толку далеку. Бев многу изненаден и реков дека стојам на располагање и за други вакви активности и поголеми ако треба“, изјави Мевмед Џемајлоски.

Едита планира да го посети местото каде што е изграден бунарот и лично да се запознае со условите во кои живеат овие луѓе. Нејзина цел е сега да основа и хуманитарен фонд кој ќе помага секаде каде има потреба.

Инаку во изминатите години во повеќе земји во Африка со средства од хумани луѓе од Балканот се изградени десеттина вакви бунари, бидејки локалното население овде се соочува со недостаток на питка вода.“(Voice of America)