Водач на ЕТА уапсен во Франција

Француската полиција денес го уапси лидерот на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, соопшти министерството за внатрешни работи во Шпанија.

Шпанските власти наведуваат дека Микел Ирасторса, „моментно највисок лидер“ на ЕТА, утринава е уапсен во францускиот град Аскен, близу границата со Шпанија.

ЕТА во 2011 година соопшти дека се одрекува од користење на оружје во својата борба за независност на баскискиот регион, регион што ги зафаќа северот на Шпанија и југозападна Франција.

Таа група се смета за одговорна за смрт на повеќе од 800 лица од 1968 до 2011 година.

Француската полиција ја продолжува истрагата и не ја исклучува можноста дека ќе има уште апсења.