Вонредниот инспекциски надзор во Казандол утврди параметри во согласност со законите

Ве известуваме дека на 3 октомври 2017г., од страна на Државниот Инспекторат за животна средина е извршен вонреден надзор во Рударскиот Комплекс Казандол, Валандово. Вонредниот надзор е спроведен по Претставка доставена од граѓанското здружение „Спас За Нас“ од Гевгелија, а во врска со наодите кои се однесуваат на претпоставени недоследности во спроведување на постапката за Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

За време на инспекцискиот надзор, побаран е увид во документацијата, која согласно постојната законска регулатива, во оваа фаза на изградба, правниот субјект е должен да ја има и да ја достави на увид. По прегледувањето на документација констатирано е дека истата е достапна на јавноста на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање на следниот линк http://www.moepp.gov.mk/?page_id=8255.  На истиот линк е достапен и спорниот Финален извештај за Стратегиска оцена за животна средина.

Она што сакаме да го потенцираме е дека на барање на правниот субјект, дополнително е извршен мониторинг на квалитет на амбиентален воздух за PM10 и SO2, подземни и површински води, почва и ниво на бучава емитирана во животната средина на Рударски комплекс Казандол – во Фаза на изградба на Комплексот. Мониторингот, односно мерењата се реализирани од страна на акредитирана лабораторија за животна средина Технолаб, Скопје во деновите 06-07.09.2017 година. Од добиените извештаи за сите наведени испитувања, во делот Мислења и Коментари се вели дека нема надминување на мерените параметри согласно важечките правилници во РМ, освен за почва а тоа е медиум за кој сеуште не постојат закон и правилници. Во тој контекст за овој медиум во Мислења и Заклучок се вели дека од резултатите добиени од извршените анализи може да се констатира дека нема надминување на граничните вредности согласно холандска и канадска регулатива, освен за pH вредноста на мостра П3 – езеро за рафинат и П4 – резервоар за киселина.

Инаку, во рамките на своите редовни активности, ДИЖС во периодот што следи ќе го изврши и редовниот надзор кај правниот субјект за постапувањето во фаза на градба и тогаш согласно законските овластувања и обврски ќе ги провери  мерките за заштита кои се преземаат од страна Рударскиот Комплекс Казандол согласно одобрените проектни документи од надлежните институции и врз основа на добиени резултати од извршениот мониторинг-се вели во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.