Во Велес жена убиена од соседот, синот и снаата тешко повредени

64-годишна велешанка попладнето е убиена од нејзиниот сосед, а нејзиниот син и снаа се тешко повредени при обид да и помогнат. ОЈО не ги соопштува мотивите за ова убиство и обид за убиство.

Сосед на сега починатата најпрвин вербално со закани ја нападнал неа и нејзините син и снаа. Откако осомничениот тргнал кон нив со себе носејќи земјоделска алатка и нож, оштетените влегле во нивната куќа и се заклучиле. Осомничениот ги продолжил своите намери и кршејќи ја влезната врата веднаш ја нападнал сосетката нанесувајќи и тешки телесни повреди. Синот и снаата се обиделе да и помогнат, но и тие биле нападнати и тешко повредени од страна на сторителот. Поради здобиени тешки телесни повреди, жената била однесена во ЈЗУ Општа болница во Велес, а од таму во Клиничкиот центар во Скопје, но им подлегнала на повредите.

Вршејќи увид на лице место, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес наредил прибирање на сите траги од лице место, одземање и натамошно вештачење на оружјето со кое е извршено кривичното дело, дадена е и наредба за вршење обдукција на телото на починатата.

Дејствијата преземени од страна на обвинителството продолжуваат во насока на расветлување на фактите во предметот-се вели во соопштенито од ОЈО-Велес .