Во Врховен и Основен суд Скопје 1 предметите се делеле рачно место преку електронскиот систем АКМИС

Судските предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд се делеле рачно, а не преку Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС), рече денеска министерот за правда Билен Саљији, презентирајќи го Извештајот од увидот на работната група за работата на Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд и Врховниот суд.

„ Првиот увид се спроведе во Основниот суд Скопје на 5 октомври 2017 година и на 10 октомври 2017 година. Во Апелациониот суд Скопје увидот беше извршен на ден 9 ноември 2017 година. Во Врховниот суд на Република Македонија увидот беше извршен на 17 ноември 2017 година и се однесува на период за 2016 и 2017 година. Предмет на увид, во сите три суда, беа процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети“, рече министерот Саљији.

Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

Во извештајот стои дека во Врховниот суд АКМИС-системот се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот Деловник.

„На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија. Не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот. При промена на претседателот на судот веднаш се носел нов распоред за работа на судии“-изјави Саљији.

Увидот во работата на  АКМИС системот започна по извештајот од експертската група на Прибе, во кој беше наведено дека има индиции за злоупотреба на системот за автоматска распределба на предмети во судовите.

Актуелниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски,најави дека за обвинувањата на министерот за правда ќе се произнесе утре.