Во ЕЛЕМ за 5.489 вработени во 2016 се потрошени 56,8 милиони евра, за адвокатски услуги 2,5 милиони евра

Во државната компанија ЕЛЕМ има превработеност, заклучи Владата на својата последна седница.

Според анализата, карактеристика во затекнатото работење на АД ЕЛЕМ е прекумерната и непродуктивна превработеност, а за платите и хонорарите на преку 5489 вработени и ангажираните лица со авторски договори, во 2016 година биле потрошени 56,8 милиони евра.

Посебно внимание на  седницата предизвикала информацијата за затекнатата состојбата во АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во периодот од почетокот на оваа година, до 1 август.

Според оваа анализа, производството на електрична енергија во ЕЛЕМ е во континуирано опаѓање, додека, пак, потрошувачката на јаглен и мазут, по произведен мегават електрична енергија, е во постојан пораст. Оваа нелогичност во работењето на ЕЛЕМ, според согледувањата во информацијата, се должи на несоодветната ревитализација на соодветните капацитети за електрична енергија, како и на недомаќинското работење со склучување на скапи договори со надворешни компании од поранешното раководство.

Како исклучително високи трошоци за разни услуги, највисоки се оние за услугите на адвокатски канцеларии во земјата и во странство, кои за три години изнесуваат 2,5 милиони евра.

Како заклучок на денешната седница, Владата на РМ му препорача на новото раковдство на АД Електрани на Македонија, да предложи излезни решенија за оваа ситуација во која се наоѓа компанијата, да ги стави во употреба сите капацитети за да го зголеми производството на електрична енергија за да се избегнат евентуални проблеми со недостигот на струја и за да се избегне фактот кој навестува најниско производство на електрична енергија во историјата на ЕЛЕМ.

На денешната седница, Владата сугерираше дека за оваа состојба, во која е доведено ова акционерско друштво на 1 август кога компанијата беше преземена од новиот раководен тим, треба да биде подготвена сеопфатна информација за запознавање на јавноста-се вели во информацијата од владата.