Во ,,Сенки над Балканот“ детето Киро Глигоров трчка околу Анте Павелиќ(видео)

Последната епизода на серијата ,,Сенки над Балканот“ од режисерот Драган Бјелогрлиќ, а во македонско-српска-руско-босанска копродукција, ги остави гледачите во Македонија во прашалници???

Имено, сценаристите вметнале една необична секвенца во која се појавува првиот македонски претседател Киро Глигоров, како десет-годишно момче кое си игра во селото Буково, прибежиште на четата македонски,, револуционери“ и шверцери со опиум, во триесетите години на минатиот век.

Во 1928 година , Анте Павелиќ, доаѓа во Буково за да договори атентат на српскиот крал Александар Караџорџевиќ. Адвокатот Павелиќ, кој го брани Дамјан Арсов во судските процеси во Белград,   охрабрен од убиството на Стјепан Радиќ во српскиот Парламент, доаѓа да му предложи на својот штитеник план за атентат.

На влезот од селото Буково, едно дете трча околу Павелиќ, а овој го прашува -како се вика. Детето одговара:

,,Киро, Киро Глигоров“.

Еден од сценаристите, Владимир Кецмановиќ, вели дека појавувањето на Киро Глигоров, не мора нужно да го отсликува историскиот лик на Глигоров како дете, но медиумите во Србија пишуваат дека втората сезона на ,,Сенки над Балканот“, веројатно ќе открие дека македонскиот претседател Глигоров, растел опкружен со идеите на ВМРО, кои во штипско тогаш станале доминантни на политичката сцена.

Серијата ја прикажува и соработката на ВМРО и усташките движења во тогашна Хрватска, кои здружено се бореле, најчесто со атентати и терористички акти , против српската власт која била доминантна во кралството СХС.

(официјален промотивен спот на РТС за последната ,десетта епизода)

Авторот, продуцент и актер, Драган Бјелогрлиќ на фестивалот ,,Браќа Манаки“ во Битола, објасни дека периодот помеѓу двете светски војни му бил предизвик, а за потребите на филмот работел со историчари со цел подетално да ги осозне патиштата на опиумската мафија која функционирала на овие простори, а според него, токму во тој период помеѓу двете светски војни се одвивале односите кои што кои ќе го дефинираат остатокот од 20. век.

-Работев со историчари од кои едниот ми беше консултант за руската тема, другиот за балканските патишта на опиумот и третиот за ВМРО, професорот Жежов од Македонија. Истражувајќи го тој период дојдов до неколку интересни приказни, за руската царска војска која во СХС функционирала како своевидна паравоена формација – рече Бјелогрлиќ.

АКО.мк