На Македонска филхармонија, која е најстара институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, вечерва и официјално ќе и се даде во владение новиот објект кој е направен во непосредна близина до, исто така, модерниот  објект на МНТ.

Но, за жал ови градби кои му доликуваат на модерно Скопје, од сите страни се опкружени со накардните ,,барокни“ административни згради и практично не може веќе ниту да се видат доколку сте случаен минувач. Аголните згради коои се градат околу МНТ, новиот надземен плоштад и редицата објекти покрај Вардар, ги обландираа овие , во духот на модерно Скопје, убави институции, кои всушност му даваа или треба да му дават белег на градот.

Вчера, Никола Груевски со ,,извршениот увид“ на новиот објект на Македонска филхармонија,  всушност најави дека треба да очекуваме дека денешното отворање ќе биде партиска журка на ВМРО ДПМНЕ. Тој од позиција на партиски лидер сака да си ги собере ловориките за ,,успесите“ , и да потсети кој е шефот, па деновиве забрзано со државните функционери врши визита на објекти кои се изградиле или ќе продолжат да се градат со буџетски пари, припишувајќи си го сето тоа како лична заслуга.

Концертот вечерва  ќе биде под диригентска палка на еден од најпрестижните  диригенти  маестро Владимир Ашкенази од Русија.

Министерката за култура во заминување, Елизабета Канческа – Милевска на прес-конференција рече дека многу се вложиле во овој објект и со голема љубов, со многу посветеност и труд во изминатите години како Министерство за култура и како тим кој работел на изградбата на објектот, дале се од себе да има ваков објект според сите светски стандарди со најврвна акустика. Посочи дека е убедена оти изградиле прекрасен објект кој ќе даде можност пред се за подобрување на условите за работа на уметниците, за присуство на голем број светски имиња, диригенти, филхармонии…

 

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни. Располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа..