Најмалку 19 луѓе загинаа и над 50 се повредени во експлозија веднаш по концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер, потврди британската полиција. Според американски разузнавачки извори станува збор за бомбаш самоубиец, но британските власти не ја потврдија оваа информација.

Портпаролот на дискографската куќа на Аријана Гранде изјави дека пејачката не е повредена.

Премиерката Тереза Меј закажа итна седница на Владата. Портпаролот на премиерката изјави дека Владата го третира настанот како „ужасен терористички напад’.

„Досега, има потврда за 19 загинати, а 50 други се повредени. Ова во моментов се третира како терористички инцидент сè додека полицијата не утврди поинаку“, соопшти манчестерската полиција околу 4 часот изутрината.

Експлозијата се случила околу 22.30 часот во фоајето на „Манчестер арена“, каде што се одржуваше концертот. Тоа е најголемата затворена сала во Европа со капацитет од 21.000 седишта. На концертот најмногубројни биле млади луѓе бидејќи Аријана Гранде е голема ѕвезда меѓу тинејџерите.

Британската полиција соопшти дека вечерва се случила огромна експлозија во концертна сала во Манчестер, Велика Британија, каде настапувала позната поп-пејачка Аријана Гранде. Надлежните органи додадоа дека инцидентот се случил неколку минути по завршувањето на концертот.

Малку детали се достапни, но властите ги предупредуваат луѓето да се држат настрана од оваа област.

Според новинската агенција, портпаролот на Гранде изјавил, “Аријана е добро. Се’ уште се истражува што се случило”.