Во Холандија поразен екстремниот антиисламист Вилдерс

 

Конзервативно-Либералната партија на премиерот Марк Руте освои најмногу мандати на парламентарните избори во Холандија, додека екстремно десничарската партија на Герт Вилдерс е втора според бројот на освоени пратенички места. Со ова мнозинство Холанѓани покажаа дека не прифаќаат политика на исламофобија, поделби и затворени граници.

Партијата на  премиерот Руте освои 31 место во холандскиот парламент, додека антимуслиманската партија на Герт Вилдерс освои 19 мандати, колку што освоија и партиите Демократи 66 и Христијанското демократско движење. Зелената левица освои 16, Социјалистичката партија 14, а Работничката партија освои девет места во Парламентот.

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека неговата централно десничарска Народна партија за слобода и демократија победи на парламентарните избори.

Партијата на Руте сепак ќе добие десетина пратеници помалку отколку што ги имаше по изборите во 2012 година. Но, сепак тој изјави дека станува збор за голема победа.

„Ова исто така е ноќ кога Холандија по Брегзитот, по американските избори, му рече стоп на погрешниот вид на популизам“-рече победникот на овие избори и актуелен премиер Руте.

Тој исто така додаде дека ќе ја продолжи политиката за стабилна Холандија и добар живот за сите нејзини граѓани.